„А што ако ти речам дека може и поинаку?“
Вито се збуни на ова прашање. Цело попладне го помина во кафана заедно со Кирца, Цобе и Божо и водеа еден од нивните вообичаени муабети, карактеристични за средниот сталеж во Македонија. Почнаа со фалби за тоа колку на секому од нив му е добро во животот, дека се може, се има, се шета и се лета со субвенционираните нискобуџетни летови или на службен трошок. И би се можело повеќе и би имало повеќе, само да не е толку прост овој народ и да не се толку расипани политичарите. И како што тоа вообичаено бидува, муабетот се префрли на тоа како не нѐ бидува, како никогаш не нѐ бидувало и како никогаш нема да не биде. И додека тројцата многу убаво се согласуваа во критиките, Божо, како и секогаш, мораше да напнува со неговите филозофии. Секогаш тој за нешто мораше да противречи.
Всушност, Божо не противречеше. Едноставно, Божо веруваше во луѓето и кога ќе западнеше во таква дискусија, што не беше реткост, настојуваше на соговорниците да им посочи дека постои и поинакво, поконструктивно гледиште на сегашноста и на иднината. Некои би рекле дека Божо е човекољубец затоа што секогаш настојуваше да ги мотивира луѓето да го извлечат најдоброто од себе, но не беше така. Слично како и неговите соговорници и тој својата судбина ја врзуваше за судбината на другите луѓе. И тој веруваше дека нему може да му биде добро ако и само ако и на другите луѓе им е добро. Затоа и настојуваше да ги мотивира другите луѓе да чинат подобро, а тоа, ќе се согласите, е себично. Впрочем, може и да не се согласите, ама тоа секако е себично, а и незрело.
Овојпат му се закачи на Вито. Кирца и Цобе мудро се повлекоа од дискусијата кога забележаа дека Божо повторно почнува да филозофира. Но Вито беше упорен да го докаже своето гледиште. Раскопани коловози, грмушки на тротоарите, излевање на канализации, службеници – рушветлии, одлив на работна сила и уште многу аргументи за неспособноста на својот народ. И сето тоа поткрепено со компаративна анализа вообичаена во ваквите разговори.
„Во Германија нема така. Таму знаат што е ред.“, сакаше Вито да ја запечати дебатата, но Божо не се даваше.
„Убав е Берлин. И Виена е убава. И Париз и Лондон, сите се убави, ние сме ги граделе.“
„Како мислиш ние сме ги граделе?“, се чудеше Вито. А на ова тврдење и Кирца и Цобе ги начулија ушите, иако останаа само пасивни слушатели.
„Си учел историја.“, ги провоцираше Божо неговите интелектуални капацитети. „Стотици години од тука се грабало и се носело на сите страни, и злато и луѓе и сѐ. И сѐ уште се граба. Нивните корпорации делат дивиденди од македонските претпријатија. Нашето богатство е во нивните банки, а нашата историја во нивните архиви и музеи.“
„Сами сме виновни за тоа. Никогаш не сме биле кадарни да направиме држава како нивните.“, не додржа Цобе, ама брзо се повлече во себе, прекорувајќи се што се вовлекува во ваква дебата.
„Јас не реков дека другите ни се виновни, ама сега кога го знаеме сето ова можеме да направиме нешто поинаку.“
„Што да направиме? Што да правам јас што државата ни е ваква? Најдобрите работници ми избегаа во Германија? Сегде плаќаат подобро. А младиве денес не сакаат да работат во градежништво.“, Вито скршна со муабетот на маките што ги имаше во своето претпријатие.
Секако дека одливот на работна сила од Македонија во странство и недостатокот на квалификувана работна сила во повеќето занаетчиски дејности се актуелни општествени теми, а не само опсесија во оваа дружина. На Божо му беше јасно дека обезвреднувањето на занаетчиските дејности е повеќедецениски проблем, слично како и обезвреднувањето на целокупниот квалитет на животот во Македонија, слично како и самообезвреднувањето и самопотценувањето. Сепак, знаеше дека нема да има полза од тоа да додава историска ретроспектива во овој разговор. Арно ама, ова му беше омилена тема за разговор, а Божо знаеше како да се задржи на сегашноста, и да ја претстави својата визија за иднината, колку и да изгледа утописка некому.
„Од убаво никој не бега.“ Со оваа изјава ја опфати и историската ретроспектива и актуелната сегашност, благо посочувајќи на одговорноста на раководителите во управувањето на претпријатијата.
„Јас моите работници добро ги плаќам,“ се обидуваше Вито да се изземе од колективната одговорност за експлоатацијата на работниците во Македонија, „а сепак си одат. Добро, не си одат сите, ама неколкумина најдобри отидоа за Германија. Тие што остануваат не сакаат да учат за да добијат унапредување, иако знаат дека ќе добиваат подобра плата.“
И овде Божо го рече она што го збуни Вито.
„ А што ако ти речам дека може и поинаку?“.
„Како поинаку?“
„Едноставно. Не можеш да ги задржиш оние што решиле да си одат, ама можеш да направиш подобри услови за оние што остануваат. Подобри плати, подобри работни услови, доквалификации за оние занаети што ти се потребни, пракса за средношколци и студенти…“, набројуваше Божо.
„И како сето ова да го направам сам?“, боцкаше Вито со притаен цинизам, ама Божо знаеше да премине преку тоа. Сепак, поважно му беше да ја докаже својата поента.
„Па, како прво, не мораш сам. Можеш да вработиш некој да ти помага. За кадровско раководење на пример, а и за проширување на дејноста. Ама веројатно тоа ќе ти биде скапо.“ не дозволуваше Божо да биде прекинат во излагањето, сега кога играше на свој терен. „Затоа можеш да ги развиеш своите компетенции за полесно да се справиш со предизвиците на работа.“
Вито се поднасмевна под мустаќ. Знаеше дека сега Божо се нуди себеси. Беше многу напорен со својата работа, со своите убедувања дека човек може да се смени и да живее подобро ако го смени начинот на размислување. Сепак, не сакаше да го навреди и само учтиво возврати, „Знам, ама тоа не е за мене. Ова што го имам ми е доволно. Ако почнам да се ширам ќе морам повеќе да работам, а сакам да имам време и за семејството и за уживање.“
Сега беше редно Божо да се воздржи. Со последната изјава Вито ја запечати темата, како што, впрочем, тоа најчесто и се случува кога се прават празни муабети. А тоа беше токму тоа, уште еден празен муабет, без намера за усвојување на некакви заклучоци и за изнаоѓање на решенија за подобар живот.
На Божо му беше јасно дека ширењето на дејноста не мора да значи зголемување на обемот на работни часови и на вложената енергија. Напротив, тоа можеше да значи дека Вито или кој било друг како Вито, би го добил токму тоа што го сакаше, повеќе време за себе и за своето семејство, повеќе пари за уживање и поголем придонес за Македонија. Но тоа значеше лична промена, нешто што повеќето луѓе на оваа планета очекуваат да им дојде од надвор, наместо да го побараат во себе. Сепак, не се разочаруваше. Остави да види како ќе из`рти посеаното семе.
И овде би ја завршил оваа приказна. Ако ве интересира како продолжи кафанскиот разговор, нема многу што да се каже. Се префрли на вообичаени шеги за нечии особини, на шеги со сексуални алузии и други теми без длабоко значење за развојот на човековата свест. И немаше ништо лошо во тоа, освен што повремено некој ќе се навредеше поради нешто или ќе се подзамислеше за своите сексуални способности. И на крајот, фала Богу!, другарски ги поделија трошоците и се разделија со ветување дека ќе се слушнат и повторно ќе се соберат на ваква дружба.
Препорачани четива