Никој не може два пати да стапне во истата река, велел Хераклит.
А луѓето сепак се стремат да останат во истата состојба, повеќето од нив. Чувствуваат дека животот им се лизга од рацете, ама очајно се обидуваат да ги задржат сите конци. Се растргнуваат себеси на сите страни, очајно обидувајќи се да ја задржат контролата над својот живот. Ама тешко е да се остане во истата точка, во истата состојба, кога сѐ наоколу тече, сѐ се менува.
Навистина, промена е кога ќе купиме нов телефон, нов автомобил. Промена е кога ќе смениме работно место или кога ќе смениме место на живеење. Но ваквите промени се незначителни ако се случуваат во истите граници, со истите обрасци на однесување. Залудно го напуштаме старото работно место за да избегаме од тамошното работно опкружување ако на новото работно место се судриме со истите, а може и полоши работни услови. Залудно бегаме од старите соседи ако новите соседи се уште понепријатни. Не можеме да избегаме од сопствената кожа… теоретски.
Вистинската промена настанува кога се менуваат верувањата и чувствата кои ни предизвикуваат болка и страдање. А сепак, некако сме мрзеливи кога се работи за таква промена и често сме склони да измислуваме мноштво изговори кои ќе нѐ задржат во постоечката состојба и кои ќе додадат уште еден слој болка и страдање.
Ама животот, а и универзумот, не функционираат така. Постојаниот напор кој го вложувме за да се задржиме во посакуваната состојба почнува да нѐ исцрпува. Животот ни станува напорен или бесмислен или здодевен. Сето она што го правиме и во кое, можеби, некогаш сме уживале почнува да нѐ исцрпува. Нѐ исцрпуваат и луѓето околу нас, а чие присуство некогаш, веројатно, нѐ радувало. Сево ова се само сигнали дека нешто веќе се сменило во нас, ама ние одбиваме да го видиме тоа. Продолжуваме да вложуваме дополнителен напор за да продолжиме со вообичаените навики се додека нешто потполно не нѐ исфрли од колосек.
Се сеќавате на Првиот Њутнов закон за движење? Според првобитната дефиниција на овој закон „тела кои мируваат или се движат рамномерно праволиниски настојуваат да ја задржат таа состојба сè додека на нив не дејствува некоја надворешна сила.“ Слично е и со нас, луѓето. Можеме да бидеме во состојба на мирување или на движење додека под дејство на некоја надворешна сила не ја смениме состојбата на постоење. За жал, многу често се случува таа надворешна сила да биде непосакувана, како на пример: болест, смрт, војна, економска блокада, економска криза, елементарна непогода или каква било случка што ја оценуваме како несреќна. Обично тогаш некој друг ни е виновен за новонастанатата состојба.
За разлика од телата на кои се засновани Њутновите закони за движење, човекот располага и со внатрешна сила. Таа внатрешна сила се манифестира како волја, волја да направиме нешто или волја да направиме ништо. И кога правиме нешто и кога правиме ништо, сетоа тоа е избор. Овој избор зависи од чувствата и верувањата кои преовладуваат во нас. И само со промена на сопствените чувства и верувања можеме да постигнеме вистинска промена, да се извлечеме од состојбата на болка и страдање. Таа промена може да се оствари свесно или несвесно.
Запомнете, човекот не е дрво, а промената е постојана.
Препорачани четива