На луѓето кои се занимаваат со човечки ресурси добро им е позната или би требало да се запознаени со хиерхијата на човековите потреби на Абрахам Маслов, што ја споменав во еден од претходните написи. А оваа хиерахија би требало да ја познаваат и сите работодавачи кои ја сфаќаат важноста на човечкиот капитал. Петте основни нивоа во оваа хиерархија се:
- Телесни потреби: воздух, храна, пијалаци, облека, секс, топлина, покрив над главата, сон.
- Сигурност: емотивна сигурност, финансиска сигурност, обезбедена работа, добро здравје, безбедност.
- Љубов и припадност: пријателство, интимност, доверба, прифатеност, припадност, љубов.
- Вреднување: достоинство, почитување, успех, престиж.
- Самоостварување: испитување на личните граници и на личните можности и потреби кои биле потиснувани или кои ги надминуваат до тогаш спознаените. На сликата во продолжение е прикажано петото ниво разложено на поднивоа.
Интересно е тоа што кога човек ќе ги исполни потребите од пониските нивоа продолжува кон повисоките нивоа. Познато ви е, нели? Кога е гладен човекот е подготвен е да работи само за леб, ама кога ќе се најаде, тогаш ќе побара и да дремне. Кога ќе се почувствува сигурен, тогаш ќе почне да им посветува внимание и на другите, па ќе побара љубов и пријателство. Но најинтересно е тоа што кога ќе ги задоволи потребите од првите четири нивоа, човек се заситува и со тоа неговата мотивираност да презема нови предизвици опаѓа. Ама ако покаже интерес за потребите што спаѓаат во петото ниво, е тогаш ќе ја сфати разликата. Со задоволување на потребите од петото ниво човековата мотивација расне, наместо да исчезнува. Тогаш човек сфаќа дека животот е многу повеќе од исполнување на потребите на првите четири нивоа. Тогаш човек почнува да ја согледува вистинската суштина на животот.
Хм!, простете ми за малку подолгиот вовед за нешто што се очекува да биде краток напис, ама полека се приближувам до суштината. Верувам дека до сега ми ја сфативте мислата? Мотивацијата на вработените.
Повеќето работодавачи мислат дека е доволно да им дадат плата на вработените за да ги задржат на работното место. Нешто помалку работодавачи мислат дека вработените треба да им бидат вечно благодарни ако им дадат малку повисока плата и ако таа плата им ја исплаќаат редовно. А има и работодавачи кои мислат дека треба да бидат прогласени за светци ако на претходниве услови додадат уште службени реквизити за лична употреба, а потоа и т.н. „тим-билдинзи“ и по некоја ситна привилегија, како на пример: незаслужени отсуства, пократко работно време, „кежуал“ денови и слично. Ова врши работа, не велам дека не врши, ама сето ова спаѓа во првите четири нивоа на хиерархијата на потреби. Затоа работодавачите не треба да се чудат што ваквите работни услови не даваат долгорочни резултати. Повеќето работници не се неблагодарни, не се себични, само брзо се заситуваат. Редовната плата, колку и да е висока и ситните повластици и привилегии не се долгорочна мотивација. Она што навистина ги мотивира луѓето е можноста за самореализација.
Со задоволување на потребите од петото ниво човековата мотивација расне, наместо да исчезнува.
Постојат работодавачи кои бараат работници со вакви потреби и кои знаат од нив да го извлечат тој потенцијал, ама ретки се. И дури и меѓу овој вид работодавачи има такви кои работата на работниците ја подредуваат на своите лични цели и потреби. А тоа е, јасно ви е, експлоатација. Со експлоатација луѓето се исцрпуваат, исто како и природните богатства. А кога нешто ќе се исцрпи, тоа веќе не постои.
И да не должам многу, знам дека размислувате прагматично и дека времето ви е пари.
Ако сакате да изградите претпријатие кое постојано се развива препорачливо е да вработувате мечтатели. А таквите можете да ги побарате и меѓу постоечките вработените. Сигурно имате по некој таков.
Најдобар пример за мечтатели се програмерите. Имаат одлични плати, ама платата не им е единствена мотивација. Кога ќе се спомене овој пример повеќето луѓе одговараат, „Ама тие се посебни.“ Така е, но не се само они посебни. Посебни се и нивните работодавачи. Знаете зошто? Затоа што и тие се мечтатели. Не се како повеќето луѓе кои врвот на својот успех го гледаат во повеќе пари за себе за да ги трошат на скапи автомобили, јахти, летови со прва класа, вонбрачни врски и на други телесни задоволства.
Да не ме разберете погрешно, не мислам дека ова е лошо. Нека ви придаде Господ, ако тоа ви е целта. Сакам да кажам дека сите овие задоволства спаѓаат во првите четири нивоа на хиерархијата на потреби и како што веќе споменав, брзо се заситуваат. И што понатаму? А што пред тоа? Што се моравте да направите за да ги остварите овие задоволства? Стрес? Чир? Камен во бубрези? Сето тоа затоа што сте се фатиле во маѓепсан круг на взаемно исцрпување. Да, ако не сте сфатиле до сега, не можете да ги исцрпувате другите без да се исцрпите себе си, односно без другите да ве исцрпат вас. Присетете се само колку ве исцрпува кога се објаснувате со работниците.
Ама да се вратам на работниците–мечтатели. Сите ние во себе имаме нагон за самореализација, само што повеќето луѓе тој нагон го задушуваат кога ќе станат „возрасни“. Ако ве интересира зошто, стравовите се најчеста причина за задушување на нагонот за самореализација, ама сега нема да се задржувам на ова. За среќа, некои луѓе подолго време остануваа „деца“ и мечтаат да се самореализираат преку својата работа. Ваше е да ги препознаете ваквите потенцијали и да им дадете можност. Многу е веројатно дека тоа многукратно ќе ви се врати. Знаете зошто? Затоа што кога човек ќе добие можност за самореализација станува ненаситен. Неговата потреба за самореализација расте. И додека се развива себе си ќе го развива и вашето претпријатие. Само ако сте доволно доблесни да создадете поддржувачка околина. Ова го кажувам од лично искуство, како мечтател.
Можеби вие не сте мечтател/мечтателка, ама ако само малку се охрабрите да земете предвид каде се ваквите работници можат да го однесат вашето претпријатие, ова можеби и нема да ви изгледа толку неверојатно.
Сѐ што треба да направите е и вие да станете мечтател/мечтателка. А тоа и не е толку тешко. Само треба да се сетите зошто го работите тоа што го работите? Веројатно првиот логичен одговор ќе ви биде, поради пари. Ама имајте предвид дека ако работите само поради пари, тогаш би работеле било што. А вие сепак сте одбрале да го работите ова, наместо нешто друго. Сега можеби ќе побарате изговор во тоа дека некој ве натерал или дека само тоа знаете да го работите или дека такви биле животните околности. Па, токму тој изговор ве води до размислување на петото ниво од хиерахијата на потреби. Ќе ви делува неверојатно, ама мечтите од детството се стремат да се остварат дури и кога не сме свесни за нив.
Мечтите немаат граници.
Препорачани четива