Сложувалка
Сложувалка

Сложувалка

Ако некогаш сте ределе сложувалка знаете дека од повеќе ситни делови треба да составите една слика. Секој од тие делови содржи дел од таа слика и скроен е така да може да се соедини со најмалку два соседни делови. Ниеден од тие делови не ја содржи целата слика во себе, ниту сликата ќе биде целосна ако недостасува барем еден од тие делови. Исто така, невозможно е дел од друга сложувалка, со различна слика, да се вклопи во нашата сложувалка.

Слично е и со луѓето. Расфрлуваме делови од себе на сите страни, а прибираме туѓи делови и ги носиме со себе како свои. Поточно, се рафрлуваме со чувства и верувања и прибираме туѓи чувства и верувања. Потоа страдаме во болка од туѓите делови, кои не се совпаѓаат со нашата сложувалка, и во копнеж по изгубените делови од себе.

А сѐ би било многу полесно ако знаеме да ги зачуваме своите делови, своите чувства и верувања, за себе, а на другите да им ги оставиме нивните делови, нивните чувства и верувања. Така би биле целосни.

А уште подобро би било кога така целосни би знаеле како да ги развиеме, надградиме, нашите чувства и верувања. Тогаш онаа почетна целина, почетна слика, би била уште поголема, уште подобра, уште појасна. Посовршена.

А можно е. Само треба да научиме да се почитуваме себеси, вистински. А потоа да научиме да ги почитуваме и другите. И да научиме што е тоа слободна волја и уште по некоја доблест патем, во зависност од тоа кому што му е потребно. Така ќе научиме дека немаме потреба да „го туркаме носот во туѓи работи“, дека немаме потреба „да ставаме пипер во туѓа манџа“. И тогаш, тогаш би имале целосна, искрена, слика за себе. Тогаш би биле целосни. Исцелени.