СВОТ анализа (анг. SWOT analysis) е добро познат метод и редовно се применува во стратешкото планирање, секогаш кога се поставува нова цел. Од лично искуство можам да кажам дека, за жал, примената се сведува само на формалност во планирањето, а потполно се запоставува во понатамошниот тек на исполнувањето на поставената цел. Некако, се добива впечаток дека поставената цел секогаш се остварува, онака, „со зорт“, а потоа се бараат изговори за слабите постигнувања и дополнителни средства, човечки и материјални, за справување со пропустите.
Тоа може да биде исцрпувачко, нели? Има луѓе што се навикнале на тоа и на кои им одговара таквиот тек на проектите. Но не се сите такви. Многу луѓе страдаат од хроничен замор, стрес, т.н. синдром на согорување (анг. burnout), па дури и телесни заболувања, меѓу останатото и поради идеализирање или импровизирање во текот изработката на СВОТ анализата.
Од друга страна, размислете дали Вие, ако вложувате финансиски средства во нешто, би дозволиле некој да се поигрува со Вашите пари? Дали би дозволиле да Ви изнудуваат дополнителни средства само затоа што оние што ги финансирате произволно си ја сфатиле СВОТ анализата? Дали, ако сте работодавач, би дозволиле да губите квалитетни извршители поради лошата СВОТ анализа?
А сето ова може да се изведе на многу подобар начин, само ако се има повеќе разбирање за улогата на човечкиот фактор во работата.
Што е процена на ПСМЗ (SWOT analyses)?
Знам дека е популарно некритички да се преземаат странски изрази и да се одомаќинуваат во македонскиот јазик, ама јас сум конзервативен по ова прашање и сакам да ги усогласувам изразите со македонскиот контекст, онолку колку што можам, без да станам неразбирлив на мајчиниот јазик. Затоа во понатамошното излагање изразот СВОТ анализа ќе го заменам со соодветен превод „процена на ПСМЗ“. Знам дека е потешко за изговарање, ама е поправилно и поразбирливо и за сите оние што не „израснале“ во „бизнис и ен-џи-о инкубатори“.
Значи, ПСМЗ е скратеница за: П = Предности, С = Слабости, М = Можности и З = Закани.
Процена на предностите, на слабостите, на можностите и на заканите (ПСМЗ) е метод за одредување на спроведливоста на некој нов потфат во кој се впуштаме. Пред да се направи процената на ПСМЗ треба да постои замисла за идниот потфат, односно да се постават мисија, визија, цели и задачи, онака како што се прави за предлог–проект, бизнис–план, бизнис–платно (попознато како бизнис–канвас) и слични постапки. Потоа се прави процена на ПСМЗ.
Предностите и слабостите се однесуваат на внатрешните фактори на единката, на тимот, на здружението или на работната организација кои се стремат кон остварување на некоја цел. Можностите и заканите се однесуваат на надворешните фактори од кои зависи остварувањето на поставената цел.
Во следната табела е даден пример за процена на ПСМЗ ако целта на некоја земјоделска задруга е да се зголемат приходите со одгледување и со продажба на праски.
Зошто е добро да правиме процена на ПСМЗ?
Процената на ПСМЗ треба да покаже дали потфатот може да се спроведе онака како што е замислен или треба да се направат измени.
Но во стварноста тоа малку поинаку го правиме. Обично, при изработка на замислата, поставуваме цел за која мислиме дека е остварлива и одредуваме постапки за кои мислиме дека се спроведливи. На крајот правиме процена на ПСМЗ само за да им угодиме на оние од кои побаруваме средства или одобрение. Ако добро ја опишеме замислата, целите и постапките, ќе покажеме дека имаме повеќе знаење за дадената тема од оние од кои побаруваме средства или одобрение. Така тие нема да имаат доволно аргументи, а ни волја за да си ја нарушуваат удобноста на нивните работни места и притиснати од целите што тие самите треба да ги исполнат, ќе ни доделат средства или одобрение.
Цели среќни поради добиените средства или одобрение ќе се втурнеме во исполнувањето на она што сме ветиле дека ќе го исполниме. И ќе се судриме со првите слабости и закани. Потоа ќе бараме продолжување на роковите. Потоа ќе објаснуваме зошто не сме можеле во целост да ги исполиме зацртаните цели. Потоа, заедно со оние кои ни дале средства или одобрение, ќе објаснуваме дека четириесетпроцентната исполнетост на целта, всушност, е огромен успех, затоа што во земја како Македонија тоа е „успех“. И така се додека оние кои навистина располагаат со средства не ја секнат поддршката. И на крајот ни преостанува да се тешиме со тоа дека приходите што сме ги оствариле од тој потфат се доволна компензација за стресот, срамот, понижувањата и за, не дај Боже!, телесните или менталните заболувања.
А сето ова може и поинаку. И подобро. Еден од начините е поозбилно да се пристапи кон процената на ПСМЗ. Тоа и не е толку тешко. Само треба да се покаже поголемо разбирање за човечкиот фактор и да се донесе одлука дали навистина располагаме со капацитети за исполнување на поставената цел или не.
Имам впечаток дека повеќето луѓе се плашат од конечниот одговор и под притисок на личните амбиции и егзистенцијални потреби избираат да продолжат со остварување на поставената цел, потајно надевајќи се дека ќе имаат помош од „виша сила“. Сепак, многу подобро е искрено да пристапиме кон процена на ПСМЗ и да најдеме начин слабостите и заканите да ги престориме во предности и во можности, а со тоа многу полесно ќе се оствари и поставената цел.
Ама прашањето е, како?
Тета исцелување е метод што јас го сметам за еден од најприкладните за претворање на слабостите во предности и на заканите и во можности.
Накусо за Тета исцелување
Тета исцелување е метод со кој преку персонализиран процес може да се репрограмираат чувствата и верувањата кои нѐ попречуваат да ја оствариме поставената цел. Тета исцелување има едноставен светоглед за целите кои си ги поставуваме во животот кој вели, „Сѐ што сакам да имам, а го немам, се плашам да го имам“.
Со пренасочување на мислите, на вниманието, од она што нѐ попречува да искусиме изобилство, на она што ни овозможува да живееме во изобилство се зголемува веројатноста навистина да искусиме изобилство. Толку е едноставно.
Ако претходниот опис ви изгледа премногу неверојатно за да биде вистинито, спомнете си дали познавате некоја личност за која ви е јасно дека поради претераната опседнатост со страдања од кои не е лично засегната не може да ги увиди сопствените очигледни можности? Вакви типови на луѓе се среќаваат во сите општествени сталежи. А сѐ што треба да сторат е во себе да ги побараат ограничувачките чувства и верувања и да си постават продуктивни цели. Овие луѓе се како оној писател што се споменува во расказите на Чарлс Буковски кој никогаш не напишал ни една книга затоа што немал маса на која ќе ја стави машината за пишување. Ваквите луѓе ги има во сите општествени сталежи. За нив чашата секогаш е половина празна. Или ако се изразиме од гледиште на процена на ПСМЗ, за ваквите луѓе не можат да ги видат предностите и можностите поради опседнатоста со слабостите и заканите.
И сега веројатно се прашувате, добро, ама каква е врската меѓу Тета исцелување и процена на ПСМЗ?
Од слабости и закани до предности и можности
Ако некој може да создава слабости и закани значи дека може да создава и предности и можности. Сето тоа е работа на избор.
Со Тета исцелување се нагласува личната одговорност во сите наши потфати. Ако не ви се верува спомнете си како сите ние си припишуваме лични заслуги во успесите, ама кога ќе се соочиме со неуспех веднаш бараме оправдување во некакви надворешни влијанија или се оградуваме од поврзаност со тие неуспеси.
За појасно образложение ќе го искористам примерот од табелата 1. Првата слабост изгледа како да е лесно решлива, освен ако не е вкрстена со некои од заканите. Може да реши со изнајмување на превозни средства или да со искористување на субвенции за рурален развој. Но, следните три слабости може да бидат помачни, особено за раководителот на потфатот, без разлика дали е тоа семејна задруга или претпријатие. Недостатокот на поддршка, на компетенции и на мотивација, како и честите флуктуации на работниот кадар бараат многу посеопфатни знаења и вештини од оние што се потребни само за одгледување и на продажба на праски.
За елиминирање на ваквите слабости на раководителот би му биле добродојдени лидерски вештини како: харизма, почитување, разбирање, емпатија, стрпливост, способност да прифати и да даде поддршка, чувство за конкурентност во тимот и на пазарот, посветеност, искреност. Всушност, пожелно е раководителот да располага со истите доблести кои ги бара од својот тим. Затоа што, на пример, ако раководителот нема почитување нема да има почитување ни кон членовите на својот тим. На тој начин е многу поверојатно дека меѓучовечките односи во тимот ќе бидат засновани на: страв, сомнеж, подмолност, лаги. Ваквите односи, секако, ги намалуваат ентузијазмот и мотивацијата, а со тоа се попречуваат взаемната доверба и поддршк и, ентузијазмот за стекнување нови компетенции и доведуваат до одлевање на покомпетентните работници. Секој човек со малку поголемо раководителско искуство е свесен дека се потребни време и енергија за да се обучи новиот член на тимот, кој доаѓа како нечија замена.
Со помош на Тета исцелување стравот, сомнежот, подмолноста, лажливоста, несигурноста и сите оние особини што претставуваат слабост во одреден период на развој се заменуваат со особини што ни овозможуваат понатамошен напредок. Така се развиваат меките вештини, компетентноста и доблесноста и се отвораат можностите за живот и работа со поголема леснотија и во поголемо изобилство. Лесно е, нели?
Обично луѓето се поголеми скептици за репрограмирање на заканите. Заканите се однесуваат на влијанието на надворешната околина врз единката и врз тимот и изгледа дека е невозможно да ги смениме другите за нам да ни биде подобро. И тоа е точно, не можеме да ги смениме другите. И не треба да се обидуваме да ги менуваме другите. Секој обид да ги обликуваме другите според нашите критериуми нѐ заробува во замката која се нарекува „контрола“. И погрешно е доминантното верување дека треба да се има контрола затоа што со тоа се нарушуваат слободата, слободната волја, праведноста, креативноста. Контролата е заснована на страв.
Она што можеме да го направиме е да се смениме себеси за подобро да се позиционираме во постоечкото опкружување. Ова не значи дека треба да се корумпираме, ниту да лажеме, ниту да крадеме, како што многумина веруваат. Ова значи, слично како и во претходниот пример, дека е пожелно во себе да ги разрешиме сите оние чувства и верувања поради кои се наоѓаме во неповолна констелација.
Сега повторно ќе се повикам на примерот во табелата 1, овој пат делот за закани. Нестабилниот пазар за земјоделски производи и непредвидливата клима се релативно лесно решливи, особено кога во „можности“ е наведено дека постојат субвенции за рурален развој и стручна поддршка. Што се однесува на пазарот, може да се размислува за иновативни пристапи како преработка на овошјето и маркетинг и продажба преку интернет. А дел од климатските закани можат да се избегнат, на пример, со мрежи за заштита на овошките од град.
Изгледа лесно, нели? Само што и за ова се потребни посеопфатни знаења и вештини од оние што се однесуваат само на одгледување и на продажба на праски. Прво и основно, човек треба да се сети да побара стручна помош, а треба да се сети и дека за стручната помош треба да се плати. Човек треба да знае и како да добие средства од субвенциите за рурален развој. Сепак, тоа не е право стекнато со раѓање. А треба да ги следи и трендовите на Интернет. Јас верувам дека креативност, инвентивност, иновативност овде одлично би се вклопиле. А добро би дошла и храброст затоа што, се спомнувате, ми треба храброст за да го имам тоа што сакам да го имам. Добро би дошле и комуникациски вештини.
Всушност, почитувањето и добрите комуникациски вештини би можеле многу да ни помогнат во односите со соседите и со локалната самоуправа. Ова не значи дека „тој што го молите не треба да го лутите“, туку дека со добри комуникациски вештини полесно и поуспешно ќе се справите со секакви табиети. Пробајте, успева.
Како што е истакнато и претходно, Тета исцелување покажува одлични резултати кај луѓето што се решени да направат промена и да ги развијат сопствените комуникациски вештини и креативност и иновативност, а и храброст за впуштање во нови портфати. И верувам дека ви станува јасно дека со промена кај себе можете да го смените и контекстот во кој живеете и работите.
Овде е направен приказ преку еден замислен пример за земјоделско производство, но Тета исцелување е применливо секаде каде што се прави процена на ПСМЗ.
На крајот останува единствено дали вие верувате дека можете подобро? Дали верувате во своите потенцијали? Дали сакате да направите нешто повеќе за себе и за својата земја?
Препорачани четива