Удобно во својата кожа
Удобно во својата кожа

Удобно во својата кожа

Родените во СФР Југославија веројатно се сеќаваат на Димитрије „Мита“ Пантиќ (Димитрије „Мита“ Пантић), главен лик во, тогаш, југословенскиот филм „Тесна кожа“ од 1982 година. Поимот „тесна кожа“ е метафора за фрустрациите на просечниот/-ата Југословен/-ка во 70-те и 80-те години на ХХ век, претставени преку главниот лик Димитрије „Мита“ Пантиќ, неговото семејство и нивната потстанарка.

Димитрије Пантиќ е притиснат меѓу финансиските потреби на неговото семејство, кои го сметаат за свој „хранител“, корупцијата во неговото претпријатие и корупцијата во целокупното општество. Обидувајќи се да им угоди на сите и при тоа да постапува правилно тој се наоѓа во судир и во расправија со сите. Постојано исполнет со лутина и бес Димитрије Пантиќ е прикажан како човек кој има потреба да излезе од својата кожа. Впрочем, во 80-те години на ХХ век луѓето своето чувство на лутина и на бес често го опишуваа како „излегување од својата кожа“. За жал, тоа што навистина излегуваше од нивната кожа беа токму лутина и бес, само што повеќето луѓе во тоа време, слично како и денес, не можеа да сфатат дека со тоа само ги мултиплицираат таквите чувства и непријатните околности.

Слично како и Тевје млекарот од мјузиклот „Свирач на покривот“, Димитрије Пантиќ верува дека голем прилив на парични средства ќе му овозможи да му угоди на своето семејство, а со тоа и да се ослободи од своите фрустрации. Желбата му се остварува кога ќе добие прва награда на спортска прогноза. За оние помладите, спортска прогноза беше облик на обложување на фудбалски натпревари пред појавата на спортските обложувалници, онакви какви што ги знаеме денес. Но, наместо да му помогне да се чувствува удобно во својата кожа, новостекнатото богатство само ги влоши семејните односи, а лутината и бесот на Димитрије Пантиќ „излетаа од неговата кожа“.

Завршна сцена од филмот „Тесна кожа“.

Филмот е комедија и слично како многу други комедии во СФР Југославија се занимава со животот на обичниот човек на микро– и на макро–општествено ниво. Ваквите теми најчесто беа толкувани како критика на општествено–политичките односи, со намера оние од „горе“ или поточно, од власта, да преземат поголема одговорност за подобрување на квалитетот на животот на „обичниот“ човек. Она на што малкумина и во денешно време обрнуваат внимание е другото гледиште, човек кој презема одговорност за себе и за својот живот, наместо таа одговорност да ја препушта на други.

Во изминативе триесет-четириесет години многу луѓе се иселија од овие простори, ја растуривме СФР Југославија, проживеавме неколку војни и економски блокади, сѐ само за да се чувствуваме поудобно во својата кожа. Арно ама, судејќи според преписките по т.н. социјални мрежи, повеќето луѓе во Македонија, а и на Балканов, сѐ уште живеат во тесна кожа. А според сведоштвата и мнозинството нашинци во дијаспората не искусуваат поголема удобност во својата кожа.

Многумина причините за тесната кожа повторно ќе ги бараат во општествено–политичкиот и економскиот контекст. Повторно некој друг ќе биде одговорен (читај: виновен). Сепак, главните причини се токму во таа кожа или поточно, во сите нас на кои ни е тесно во нашата кожа.

Човек многу подобро се чувствува кога ќе ги открие што е тоа што предизвикува да се чувствува неудобно во сопствената кожа. Кога ќе ги открие тие причини човек почнува да се ослободува од: стравовите, разочарувањата, замерувањата, лутината, бесот, гневот, омразата и од сето она што му предизвикува болка и страдање. Се разбира, ова е процес, патување. Но во овој процес, патување, човекот учи да презема одговорност за својот живот. Човекот што е подготвен да преземе одговорност за сопствениот живот е човек што може да го подобри својот живот. Тоа е човек кој се чувствува поудобно во сопствената кожа.

Препорачани четива