„Како јас да го постигнам тоа?“
Секако ви е позната поговорката дека на „волкот му е дебел вратот затоа што сам си го лови пленот“. Она што јас го забележувам е дека повеќето луѓе при толкувањето на оваа поговорка нагласокот го ставаат на тоа дека волкот е грабливец, а од тоа произлегува ставот дека треба да се однесуваат како грабливци за да ги остварат своите цели.
Можеби оваа поговорка навистина настанала со таква намера и ваквото толкување секако ги мотивира луѓето со особини на грабливци, а ги демотивира оние кротките. Но јас не ја толкувам така. Многу повеќе ми се допаѓа кога ќе се нагласи она „сам“, наместо „лови“. Всушност, од моите скромни познавања за волците можам да речам дека и ова не е целосно точно затоа што повеќето волци живеат и ловат во група. Но сега е побитно значењето на поговорката отколку зоологијата.
Како?
Јас оваа поговорка ја толкувам како повик за преземање одговорност за својот живот. Сметам дека со неа се покажува дека волкот е битие кое не чека некој друг да му обезбеди услови за живот. Волкот не мавта со опашот за да добие храна, волкот презема одговорност.
Самостојност.
Волкот сам си го обезбедува тоа што му е потребно. И овде обично следува прашањето, „Како?“. „Како јас да го постигнам тоа?“ Едноставно, да развиеме кај себе одговорност и сѐ што доаѓа со тоа, како на пример: самодоверба, доверба, почитување, самопочитување, самостојност, храброст. Впрочем, овие способности секако ги имаме во нас, тие ни се на располагање и сѐ што треба да направиме е да се ослободиме од оние чувства и верувања кои нѐ попречуваат да ги користиме во целост. Така можеме да бидеме волкот од поговорката.
Препорачани четива