Тета исцелување (анг. Theta Healing) е техника за телесно, психичко и духовно исцелување. Применлива е во секојдневниот живот на сите луѓе кои веруваат дека во животот можат да постигнат повеќе, без оглед на тоа дали се верски определени или се атеисти или имаат некакви поинакви ставови за животот, за Вселената и за сето останато.
Како дејствува?
Тета исцелување е процес во кој преку медитација се постигнува состојба во која мозокот работи на тета (theta) фреквенција на мозочни бранови. Работата низ тета фреквенција го олеснува остварувањето на поставената цел, особено затоа што овозможува појасен увид и разрешување на отпорите кои нѐ попречуваат да ја оствариме својата цел. Всушност, со Тета исцелување, низ тета фреквенција, се пристапува до нашата потсвест, до оние чувства и уверувања кои ги криеме и од себеси самите. Во текот на процесот почнуваме да сфаќаме што значи самосаботажа. Почнуваме да сфаќаме како некои чувства и уверувања кои сме ги сметале да добри и сме ги негувале нѐ попречуваат во остварувањето на нашите цели, нѐ попречуваат во напредокот. А некогаш можеме да се изненадиме какви сѐ чувства и уверувања се кријат во нас, а да не знаеме дека ги имаме или не сме свесни дека имаме.
Како се работи?
Процесот на Тета исцелување е персонализиран. Ова значи дека се работи поединечно, односно во дијада – практичар/-ка за Тета исцелување и клиент/-ка. Практичарот/-ката за Тета исцелување се префрлува на тета фреквенција на мозочни бранови и го/ја води клиентот/-ката до неговата/нејзината цел. Се разбира, најчесто патот до целта води преку чувствата и уверувањата кои нѐ попречуваат во остварувањето на таа цел. Но нема простор за грижи. Со Тета исцелување отпорите лесно се разрешуваат. Во ред, некогаш некои чувства и уверувања прават поголем отпор, но со истрајна работа и за нив има решение.
Како се случува исцелувањето?
Исцелувањето се случува со замена на чувствата и уверувањата кои претставуваат отпор со чувства, верувања, доблести кои го овозможуваат остварувањето на посакуваната цел. Ова е возможно со примена на интуитивните способности на практичарот/-ката за Тета исцелување, преку тета фреквенција на мозочни бранови. Некои луѓе ова го споредуваат со репрограмирање во информатичките технологии. Но вистината е дека и човечката свест е подложна на програмирање, па оттука и на репрограмирање. Разликата е само во нивото на свесност со кое се програмираме или репрограмираме.
Моите искуства и искуствата на Вајана Стајбал и на другите практичари и инструктори за Тета исцелување покажуваат дека е можно да се случи инстантно исцелување. Ова најмногу зависи од клиентот/клиентката, односно од подготвеноста да се доживее инстантно исцелување. Многу почесто се случува исцелувањето да се случува постепено, во рок од неколку часа до неколку седмици. За промена на хронични состојби може да бидат потребни два и повеќе процеси со Тета исцелување. Сепак, и кај разрешувањето на хроничните состојби воодушевувачки е тоа што со секој процес на Тета исцелување се симнува по еден слој од тоа што клиентот/-ката го смета за пречка во својот живот, а со тоа и самиот/самата доживува олеснување.
За кого е наменето Тета исцелување?
Тета исцелување е наменето за сите кои се решени да сменат нешто во своите животи, но и за оние кои се решени целосно да ги сменат своите животи. Тета исцелување е наменето за оние кои си ги сакаат своите животи и својот животен стил и сакаат да подобрат само некој или некои аспекти од своите животи, но и за оние кои сакаат да направат темелни промени, за оние кои сакаат да се посветат на својот личен раст и развој.
Поимот „исцелување“ луѓето најчесто го поврзуваат со телесното здравје. Тоа е точно, но не е само тоа. Исцелување, тоа е кога ќе направиме нештото повторно да биде цело. За да биде појасно еве неколку прашања:
- Може ли човек да биде целосен ако страда поради тоа што не може да обезбеди егзистенција за себе и за своето семејство?
- Може ли човек да биде целосен ако не ја поднесува работата што ја работи?
- Може ли човек да биде целосен ако страда поради осаменост?
- Може ли човек да биде целосен ако е незадоволен во семејните односи?
- Може ли човек да биде целосен ако е обземен од стравови за себе и за своите блиски?
- Може ли човек да биде целосен ако страда поради какви било причини?
За да биде уште појасно, еве неколку примери за применливост на Тета исцелување:
- Вработување.
- Промена на работно место.
- Хармонични услови на работното место.
- Почнување на нова дејност.
- Остварување на одлични резултати во учењето.
- Остварување на врска со емотивен/-на партнер/-ка.
- Хармонија во емотивната врска и во семејството.
- Телесно и духовно здравје.
* Овој опис на техниката за Тета исцелување е составен врз основа на: личните искуства на Вања Димитриевски, книгите на Вајана Стајбал (Vianna Stibal), творечка на Тета исцелување, „Theta isceljivanje, Uvod u izuzetnu tehniku energetskog isceljivanja“ и „Napredno Theta isceljivanje, Koristi moć Svega što jeste“, во издание на Сундарам Удружење за побољшање квалитета живота, официјалната Интернет страница на Вајана Стајбал и страницата на Фејсбук на Анета Димитровски, учителка по Тета исцелување.
Објавено на: