За мене

За мене

Работам како практичар за Тета исцелување, а огромна поткрепа во сегашнава работа ми е искуството од мојот духовен развој, но и сето стекнато стручно образование и работно искуство.


Најголем пресврт во мојот живот направив во 1998 година кога на еден семинар за „Екскалибур“ научив дека јас сум господар на мојот субјективен универзум, дека јас сум одговорен за сѐ што ми се случува во животот и дека само сам си ги поставувам целите во животот, свесно и несвесно. Ама подобро ми е кога тоа го правам свесно. И оттогаш искусив многу позитивни промени во мојот живот, мали чуда. Го користев Екскалибур за да си го подобрам секојдневниот живот, за желбите да ги претворам во цели, а целите да ги манифестирам во објективната стварност. И повеќето цели што си ги поставив до сега ми се остварија.

Но, покрај остварувањето на дотогашните цели, искуствата од Екскалибур ми помогнаа да се отворам за нови доживувања, за нови искуства. Почнав да испробувам и други техники како Јога Нидра, Преродба (анг. Rebirthing), гностички Интензив, различни медитации. Замислете, ако некој претходно ми речеше дека ќе почнам да медитирам или да практикувам јога…, па веројатно ќе му се изнасмеев.

Во 2002 година бев и на семинар за „Креатон“, а од 2014 година ги научив и ги практикував: „Плиток ПЕАТ“, „Длабок ПЕАТ“, „ДП-2“, „ДП-4“ и „Универзален метод. Сите овие техники, вклучувајќи го и Екскалибур, спаѓаат во „Спиритуалните технологии“ на Живорад Михајловиќ – Славински (Живорад Михајловић – Славински). Од 2015 година практикував и „Универзална енергија“ и во таа техника стасав до тринаесетото напредно ниво, според првобитната класификација на нивоата. Со сите овие техники, а најмногу со Екскалибур, Длабок ПЕАТ и ДП-4, успеав да разрешам многу чувства и уверувања кои ми предизвикуваа болка и страдање, но и да им помогнам на други луѓе да разрешат кај себе чувства и уверувања кои им предизвикуваат болка и страдање. Но не запрев. Продолжив да трагам по нови искуства.

Во 2020 година станав практичар за Тета исцелување. Ова беше мојот следен огромен животен пресврт, пресуден миг во кој сфатив дека е време повеќе да си се посветам на себе, но и на оние кои имаат потреба и кои навистина имаат намера да направат промена во животот. До тогаш настојував да изнајдам најразновидни начини за да ги поттикнам луѓето во мојата околина да научат да преземаат одговорност за своите животи и да си поставуваат јасни цели. Од тогаш, па, да речеме дека повеќе немам потреба да се мешам во животите на луѓето кои се соживеани со својата болка и со своето страдање, барем не додека не побараат поддршка.

Тета исцелување е примарен метод кој го практикувам за себе и во работата со други луѓе. Или поточно, со оние луѓе кои се решени да ги разрешат своите чувства и уверувања кои им го попречуваат остварувањето на целите. Впрочем, преку Тета исцелување сфатив дека пресвртните мигови во мојот живот, оние мигови кога проживував болка и страдање, само ме поттикнувале да забрзам или да направам избор. Така сфатив дека, всушност, јас цел живот сум се спремал за оваа работа.

Инаку, од стручно образование, дипломирав и магистрирав етнологија и антропологија. Имам и разновидно работно искуство, но најмногу ме препознаваа како истражувач. Од 2018 до 2020 година работев како менаџер за човечки ресурси. И стручното образование и работното искуство, но и мојата љубопитност, ми овозможија да ги развијам моите видици за поголема сестраност во мојата работа.

Се разбира, јас и понатаму живеам според законите на оваа стварност, само што знам како да се ослободам од болката и страдањето, кога ќе ги препознаам кај мене. А знам и како да им помогнам на луѓето кои сакаат да се ослободат од своите болки и страдања, на луѓето кои тежнеат кон исцелување.