Меките вештини имаат врска со знаењата и со искуствата што ги стекнуваме во животот, но многу е поважно тоа што меките вештини влијаат на тоа како ги користиме нашите знаења и искуства во секојдневниот живот.
Тешко дека може да се најде една заедничка дефиниција за поимот „меки вештини“ (анг. soft skills) кој се почесто се споменува меѓу оние кои се занимаваат со управување со човечки ресурси.
Највоопштено, од мое гледиште, меки вештини се сите оние особини кои ги стекнуваме во текот на животот и кои стануваат составен дел од нашата личност, кои нѐ дефинираат во однос на другите и кои ни го дефинираат односот со другите. Поинаку кажано, врз основа на меките вештини си определуваме како се гледаме себеси, обликуваме мислење за тоа како другите луѓе нѐ гледаат, го обликуваат мислењето кое другите луѓе го имаат за нас и во целина, каков ни е односот со другите, луѓе, со природата, со Вселената и со сето останато. На пример, врз основа на меките вештини луѓето утврдуваат дали некој е послушен или непослушен, трудољубив или мрзелив, наивен или итрец, плашлив или храбар, дали е добар материјал за сопруг/сопруга или за родител итн. А за сите оние кои мислат дека се над „стереотипите“, веднаш ќе кажам, не се. Само така сакаат да се претстават пред светот, а и тоа се меки вештини.
Постојат обиди да се направи категоризација на меките вештини, но јас овде само би набројал неколку, колку за појасна претстава. На пример: автентичност, дискреција, емпатија, инвентивност, иновативност, интуиција, љубопитност, послушност, почитување, пргавост, самодоверба, самопочитување, сомилост, сомнеж, сосредоточеност, стрпливост, хумор.
Од мое гледиште, меките вештини имаат врска со знаењата и со искуствата што ги стекнуваме во животот, но многу е поважно тоа што меките вештини влијаат на тоа како ги користиме нашите знаења и искуства во секојдневниот живот. Затоа се поврзуваат со емоционалната и социјалната интелегенција. Кога се сретнав со поимот меки вештини ми стана многу појасно зошто некои луѓе кои имаат знаење и искуство не можат да остварат изобилство во животот и не се задоволни од: работата, платата, меѓучовечките односи на работното место, семејните односи, односите со пријателите итн. Овие луѓе не располагаат со меки вештини неопходни за да ги остварат посакуваните цели.
Токму меките вештини се тоа што најчесто се бара од нас. Од лично искуство можам да кажам дека на кандидатите за одредено работно место им се бара знаење и искуство, но многу често пресудно при изборот на некој/-а кандидат/-ка се неговите/нејзините меки вештини. Слично е и во емотивните врски, нели?
Меките вештини не се ниту добри ниту лоши. Многу е поважно како ни служат?
Располагањето со повеќе меки вештини не е пресудно за да можете да извршувате одредена работа. Многу е поважно да ги имате вистинските вештини за извршување на конкретната работа. На пример, пргавоста може да биде добра вештина во дејностите кои подразираат комуникација, но да биде пречка во дејностите во кои се бара смиреност и сосредоточеност. Или љубопитноста е пожелна во дејностите засновани на прибирање податоци и на проширување на знаења, но да биде пречка во дејностите каде што се бара почитување на приватноста. Луѓето кои работат во дејности поврзани со ред и безбедност често негуваат сомнеж како вештина. А таа вештина ја негуваат и луѓето кои не сакаат да бидат измамени и повредени од другите луѓе.
Меките вештини не се ниту добри ниту лоши. Многу е поважно како ни служат? На пример, сомнежот, како вештина, може да предизвикува стравови и нарушување на односите со другите луѓе, а на тоа да се накалемат чувства и верувања кои уште повеќе ќе ни го усложнат животот. Јас, лично, повеќе сакам наместо сомнеж да имам мудрост, вистинољубивост, искреност, срдечност. Изборот зависи од единката.
А во тоа е убавината, што имаме избор. Можеме да ги менуваме меките вештини врз основа на нашите потреби, но и нашите потреби да ги усогласуваме со нашите меки вештини. Изборот го правиме самите, свесно или несвесно.
Препорачани четива