Сѐ уште го чувам во сеќавање расказот „Водач“ од Радоје Домановиќ кој го имаше во некоја од читанките по македонски јазик или меѓу лектирите што на времето ни ги задаваа за читање. Тоа е едно од многуте четива за кои сум свесен дека влијаеја на мојот личен раст и развој. Расказот за прв пат е објавен во 1901 година, но изгледа дека темата е вечна. Чинам, долго време поимот „водач“ се однесуваше исклучително на политичките водачи, но од почетокот на XXI век, откако стана популарен во стопанството, овој поим добива пошироко значење. Всушност, според моето скромно мислење, поимот водач конечно добива вистинско значење.
На кратко, во расказот „Водач“ се прикажува за селани во некое село, во некој неплоден предел кои заклучуваат дека мораат да се иселат за да имаат подобар живот, ако не тие тогаш барем следните поколенија. Бидејќи не знаат за ништо подалеку од пределот во кој живеат тие за водач избираат еден средовечен човек кој е на пропатување низ нивното село. Селаните не знаат ништо за патникот, ама судат според неговиот изглед и според сопствените уверувања. Така, од долгата коса, од долгата брада и од ветвите алишта на патникот селаните заклучуваат дека многу патувал и дека на своето патување стекнал многу искуства и знаења. А бидејќи е молчалив и загледан во патот пред себе селаните сметаат дека тој, несомнено, е мудар и не сака да си има работа со туѓи глупости. Сѐ на сѐ, ако некој може да ги изведе од немаштијата тоа е тој човек. Патникот, се разбира, прифаќа да ги води селаните, но наместо во подобар живот тој ги води во пропаст. На патувањето сите страдаат, неколкумина гинат, а повеќето се губат. На крајот на расказот неколкумината преостанати дознаваат дека водачот што го избрале е слеп и дека немал поим кого води ниту каде ги води.
Ако внимателно го читаме расказот ќе ни биде јасно што очекуваат луѓето од своите водачи. Тие, пред сѐ, очекуваат водачот да има мудрост. Потоа очекуваат да има знаење и да има искуство. А очекуваат водачот да има и визија, да знае каде ги води уште пред да стасаат таму. Но тоа не е доволно. Водачот треба да ги познава луѓето што ги води. Треба да ги познава нивните особини, нивните знаења, нивните можности, нивните афинитети, нивните потреби. И треба да има разбирање за луѓето што ги води. Своето разбирање и својата мудрост треба да ги искористи за да управува со нивните особини, знаења, можности, афинитети, потреби затоа што водачот треба да знае како своите луѓе да ги доведе до остварување на заедничката цел. А за тоа ќе му бидат добродојдени и благодарност, вера, вреднување, истрајност, љубезност, љубов, љубопитност, понизност, посветеност, почитување, прифаќање, простување, трпеливост, храброст и уште многу други т.н. меки вештини.
Водачот на Радоје Домановиќ не е таков. Малкумина водачи располагаат со сите овие вештини, но многу пострашно е што не знаат дека ваквите вештини им се потребни за да изградат креативни и посветени тимови кои ќе уживаат во работата и ќе ја поддржат визијата на водачите. Потребни им се за и самите водачи да бидат успешни во работата и за да можат истата таа работа да ја извршуваат со задоволство и со леснотија. А добрата вест е дека ваквите вештини не се вродени туку можат да се развиваат во текот на целиот живот. И уште подобро е што кога ќе ги развиеме овие вештини тие ни го подобруваат квалитетот на целокупниот живот, не само на работата. Сѐ што треба да стори човек е да собере смелост да направи подобрување кај себе.
Препорачани четива