Мотиваторот
Мотиваторот

Мотиваторот

Божин помина со поглед преку присутните во просторијата, се подзамисли на кратко, ги собра своите работи и појде кон вратата. Благица збунето го гледаше и не можеше да разбере што се случува, Божин никогаш не се однесувал на ваков начин. Конечно, кога тој се фати за кваката скокна по него.

„Божин! Чекај! Што е работава?“, успеа да го запре дури во ходникот.

„Овие се откажале од животот, а ти очекуваш јас да ги мотивирам!“, викаше налутено. „Погледни ги, половината се пред пензија, а и овие помладиве веќе се откажале од своите соништа! Пишман се што дошле!“

Благица занаме, но грчевито го држеше за ракавот. Брзо пребаруваше низ мислите. Изборот на учесниците на обуката го правеа училиштата што беа вклучени во програмата за развој на образованието, но сега таа се наоѓаше во небрано. Ѝ доаѓаше да пропадне в земја. Божин имаше право. Ова навистина можеше да се претвори во уште една работилница што се спроведува толку формално, колку да се оправдаат добиените средства од донаторот. А Божин не беше човек што ужива во такви формалности. Кога работи сака да има барем минимален напредок кај луѓето на кои им држи обука. Сепак, Благица беше одговорна за спроведувањето на програмата, а ни она не се откажува лесно. Од друга страна, средствата за превоз и за сместување веќе беа искористени. Што да прави? Немаше друг обучувач, а овој веќе ги навреди учесниците. Тие седеа во другата просторија и сигурно го слушаа нивниот разговор. Не можеа да не го слушнат.

„Те молам“,  се обиде, „ти секогаш имаш решение. Не можеш сега да ме оставиш.“

„Бесцелно е.“, возврати тој. „Нема надеж за овие луѓе.“

„Пребрзо судиш, момче!“. Зад нив стоеше една учесничка на поодмината возраст и налутено им се обрати на обајцата. „Илјадници ми поминале низ рацете, такви како тебе, надмени. Сите школо изучија и луѓе станаа. И сега мислите дека сте подобри од нас. А од нас учевте.“

„Сето тоа е минато време, госпоѓо. Каде се сега тие учени луѓе? Станаа функционери кои не сакаат ни достојна плата да ви дадат за работата што ја вршите. Ако сте биле добри учители зошто немаат благодарност кон вас.“

„Не сме сите исти.“ Зад повозрасната учесничка застанаа уште неколкумина други учесници. „Не сме совршени, ама си ја сакаме работата. И не сме се откажале сите од животот, ниту од соништата. И ако сте толку добар обучувач, колку што ве фалат, вие ќе ја одржите обуката, за да не сме пишман што дојдовме.

Божин се поколеба. „Во ред, штом велите така, да пробаме.“

„Не, нема да пробуваме. Сработуваме.“, нагласи повозрасната учесничка.

На останатите присутни во салата, слично како и на оние во ходникот претходно, Божин можеше во очите да им прочита лутина. Знаеше дека ги навредил и дека ќе му биде тешко да стекне доверба, но не сметаше дека треба да се извини. И покрај тоа, работата течеше зачудувачки лесно. Лутината премина во инает, а инаетот во желба за докажување. Речиси сите учесници посветено ги извршуваа групните активности и внимателно ги слушаа објаснувањата на обучувачот, а и оние помалку активните беа доволно посветени во работата. До крајот на првиот ден лутината веќе се изгуби. На вечерата сите зборуваа за тоа колку се задоволни од сработеното. На сите им беше јасно дека имаат уште многу нешта да научат и дека постојат повеќе начини за да ги исполнат своите секојдневни работни задачи во училиштето. Водството на Божин им помогна да ги надминат отпорите кон новите сознанија.

Следното утро работата почна забавено, но луѓето сега веќе имаа поотворена и поискрена комуникација и можеше да се работи поопуштено. На крајот на краиштата, Божин знаеше дека не мора секогаш да бидат толку ревносни за да бидат продуктивни. „Сега ми е многу појасно каква е мојата улога во општеството.“

„Сега знам како без стресови да се справам со недисциплинираните ученици и со распекмезените родители. “ „Научив дека е подобро на учениците да им поставувам предизвици наместо да ги задолжувам со задачи.“ „Благодарна сум што научив дека сите предмети се подеднакво важни за развојот на учениците.“ „На сите ни е многу појасно колкава одговорност носиме.“. Тоа беа само дел од изјавите со кое учесниците изразија задоволство на крајот на обуката, но на Божин најмила му беше прегратката од учесничката што го убеди да се врати и да ја одржи обуката. И тоа што му го рече таа на крај, „Опасен си ти. Опасен.“.

Препорачни четива

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *