„И да имаш ти милион милијарди дали знаеш ти што би правел со нив?“
Поимот цел луѓето обично си го претставуваат како замисла или желба која треба да се оствари во некое идно време. Според моето скромно мислење, овде почнува забуната. До сега немам сретнато духовна техника која целите ги поставува во иднината. Поточно, сите духовни техники кои ми се познати подучуваат дека целите секогаш се поставуваат во сегашно време, дури и кога се однесуваат на подалечната иднина.
Поимот цел јас повеќе го подразбирам како состојба или околност која се стремиме да ја постигнеме. Под состојба подразбирам нешто што е субјективно, нешто се однесува исклучително на мене и што зависи само од мене, како на пример здраво тело. Под околност подразбирам нешто што е објективно, нешто на кое освен јас можат да влијаат и други фактори, како кога посакуваме хармонично семејство и хармонична работна средина. Всушност, луѓето кои имаат навлезено малку подлабоко во користењето на духовноста за остварување на своите цели сигурно имаат забележано дека нема голема разлика меѓу субјективното и објективното, но за сега ќе се држам до наведената дефиниција.
Најлесен начин за сликовитo да ја објаснам постапката за остварување на целите ми е преку струјно коло. Во поново време некои луѓе прават обиди изразот струјно коло да го заменат со изразот струен круг, од едноставна причина што изразот „струјно коло“ веројатно е преземен од српскиот јазик и кога буквално ќе се преведе на македонски би значело „струјно оро“. Јас се согласувам со обидите овој израз да се преведе според македонскиот контекст, ама овде ќе го задржам вообичаениот израз затоа што имам впечаток дека така ќе биде полесно за поширокиот круг на читатели. Значи, наједноставното струјно коло се состои од извор на електрична енергија, спроводници и потрошувач, како што е прикажано на скицата 1.
Скица 1: Струјно коло |
Како што електричната енергија тече од изворот кон потрошувачот така и енергијата која единката ја вложува во остварување на поставената цел тече кон целта. Се разбира, има и разлика. Потрошувачот во струјното коло може да биде светилка, електричен или електронски уред. При поставување на цел потрошувачот е она што го имаме поставено како цел, односно посакуван состојба или околност. Низ струјното коло тече електрична енергија, а енергијата за остварување на поставената цел… па замислата на тоа Ви ја препуштам Вам. Секако постојат различни верувања и толкувања за ваквата енергија, но едно е сигурно, за да се оствари целта потребна е Енергија. И додека патот на електричната енергија од изворот до потрошувачот е познат, точно погодувате, тоа се спроводниците, патот до остварување на поставената цел е непознат. Но не е ни важно. Она што ни е важно е да ја оствариме поставената цел. Бидејќи не ни е познат патот на енергијата, пожелно е при поставување на посакуваната цел да поставиме и услов целта да се оствари на најдобар и на највозвишен начин.
Вака изгледа премногу едноставно, нели? И навистина е толку едноставно, но повеќето луѓе овде го поставуваат прашањето, „Зошто тогаш не можам да ги остварам моите цели, ако е толку едноставно?“. Обично овде првото прашање е дали се работи за цели или за желби, затоа што често ни се случува да ги измешаме поимите. На пример, „Сакам да имам луксузен автомобил.“, е желба, не е цел. Како цел би звучело ако се рече, „Јас имам луксузен автомобил“. Ова веќе прави разлика. Запомнете, целта секогаш се искажува во сегашно време, како да е веќе остварена. „Јас ќе имам луксузен автомобил.“, укажува на нешто што треба да се случи во идно време или поточно, никогаш. Сепак, дури и кога ни се јасни, некои цели не се остваруваат или бавно се остваруваат. Повторно, ваквите прашања наједноставно ми е да ги објаснам сликовито, со струјно коло, но овој пат дополнето со отпорници, онака како што е прикажано на скицата 2.
Скица 2: Струјно коло со отпорници |
Отпорниците во струјното коло се додаваат со намера (свесно) да се регулира напонот меѓу изворот на електрична енергија и потрошувачот. При поставувањето на посакуваната цел несвесно се испречуваат отпори кои го попречуваат или забавуваат нејзиното остварување. Во Тета исцелување се вели, „Сѐ што сакаш да имаш, а го немаш, се плашиш да го имаш“.
Стравовите се најчести отпори при поставување на целите, но не се единствени. Може да има и многу други чувства и верувања како: сомнеж, вина, замерување, лутина, инает итн. Она што е изненадувачки за многумина е што некогаш и чувства и верувања кои ги сметаме за добри може да ни претставуваат отпор за остварување на посакуваната цел. На пример, солидарноста е особина посакувана од многумина, но многумина поради солидарност со сиромашните, најчесто со роднините и/или пријателите, се откажуваат од можностите да остварат материјално изобилство. Други луѓе се откажуваат од тоа да ја имаат таа особина за да можат да живеат во материјално изобилство. Мудрите знаат дека можат да ги имаат и двете, солидарност и материјално изобилство.
Има луѓе кои им веруваат на другите луѓе па нивните чувства и верувања ги прифаќаат како свои. Сте ја слушале онаа песна „Милион милијарди“? Секако не сакате да се идентификувате со личноста на која авторите ѝ се обраќаат со следните стихови:
„И да имаш ти милион милијарди дали знаеш ти што би правел со нив? Не, не, не си ти за милион милијарди. Не би знаел ти што да правиш со нив.“*
Сепак, ако ги сфатите афирмативно, односно како поддршка од авторите на песната, може да ги искористите во своја полза. Во тој случај би седнале и би направиле план што би правеле со тие милион милијарди, веројатно евра, а со тоа би ја зголемиле и веројатноста да ги имате.
Често се случува да ја условуваме својата цел. На пример, „Можам да имам имам луксузен автомобил само ако имам многу пари.“ или „За да бидам здрав морам да јадам одредена храна.“. На ваквите услови обично се накалемени и други чувства и верувања. На пример, на условот за луксузниот автомобил се накалемуваат чувства и верувања за пари, за материјално богатство, за „богатите“ луѓе. Колку подлабоки се нашите верувања толку повеќе отпори имаме накалемено, а сите тие нѐ попречуваат да ги оствариме своите цели, слично како на скицата 3.
Скица 3: Струјно коло со накалемени отпорници |
Се разбира, струјното коло не се прикажува вака, но верувам дека ми ја разбирате намерата сликовито да прикажам зошто некои цели не се остваруваат или бавно се остваруваат.
Клучно е да се разбере дека треба да се сосредоточиме на целта, не на отпорите. Отпорите треба да се разрешат. Кога отпорите се разрешуваат во целост енергијата слободно тече кон целта и таа се остварува во целост. Овде обично следува прашањето, „Како да ги остварам своите цели и како да ги разрешам отпорите?“. Одговорот Ви го препуштам Вам. Можности има многу, а секој човек сам го избира својот пат. Единствено што можам е да Ви препорачам тоа да го правите на најдобар и на највозвишен начин.
Препорачани четива
* Стиховите се позајмени од македонска рок песна од 70-те или 80-те години на ХХ век. За жал, не успеав да откријам како се вика песната, ниту групата која ја испеа. Ќе бидам благодарен ако некој ме упати на точните податоци за прописно да ги наведам авторите.