Оние нешта кои ни го одземаат вниманието
Оние нешта кои ни го одземаат вниманието

Оние нешта кои ни го одземаат вниманието

Има една поговорка која вели, „Ако се вртите по секое куче што лае по вас никогаш нема да стасате онаму каде што сте намериле“. Се однесува на сите оние нешта кои ни го одвлекуваат вниманието од остварувањето на нашите цели или намери. Еве и додека го пишувам овој напис постојано нешто ми го одвлекува вниманието, постојано нешто се наметнува со својот приоритет. Но не грижете се, штом го читате ова значи дека сум им одолеал на искушенијата.

Изгледа чудно, ама луѓето често се плашат од сопствените цели. Посакуваме нешто, ама се плашиме од она што може да ни се случи кога тоа ќе го добиеме. На пример, што би се случило кога ќе добијам главна награда на лотарија? Како тоа ќе ме смени како човек? Дали ќе се расипам како личност? Како ќе се справам со завидливоста на роднините и на пријателите? Веројатно можете да се сетите и на други стравови, сега, кога се отвори оваа тема? Или на пример, како што велеше дедо ми за нашето поколение, „бараат работа, молат Бога да не најдат“. И има вистина во тоа. Кога некој бара работа често се поставуваат прашањата: Како ќе станувам рано наутро? Како ќе бидам прифатен/прифатена од поискусните колеги? Како ќе издржам секој ден да правам едно-та-исто? Вреди ли да работам за тие пари?

Недостасува храброст, нели? Туѓото мислење ни значи и често пати се случува нашето сопствено мислење да биде условено од мислењето на другите луѓе. Знаете дека често пати знаеме да се запрашаме, „А што ќе речат другите?“. Тоа е страв, нели, страв дека ќе го изгубиме општествениот статус?

Работата е во тоа што што за сѐ што ќе стори човек секогаш ќе има некој што ќе го одобри тоа и некој што ќе го осуди тоа. Едноставно, тоа е така, сите ние имаме мислење и сите наоѓаме начин, вербален или невербален, да го изразиме своето мислење. Ние судиме за другите, другите судат за нас. Но дали туѓото мислење треба да нѐ попречи во остварувањето на сопствените цели?

Хм, често се соочуваме со пречки, ама често и ги надминуваме. Со само малку повеќе храброст и истрајност лесно ги надминуваме пречките во секојдневието. Малку е потешко кога ќе си поставиме цел што ги надминува оние секојдневните задачи. Многу е веројатно дека тогаш ќе ни требаат повеќе храброст и повеќе истрајност, а и доследност. Од голема помош може да биде свесноста за пречките, но тоа и не е толку тешко ако имаме мудрост да ја препознаеме вистината во изговорите што ги користиме за да се оправдаме зошто не почнеме да ја остваруваме поставената цел или намера.

Кога во доволна мера располагаме со вакви вештини и знаења многу полесно ќе ги избегнеме сите кучиња што нѐ пресретнуваат на патот до нашата цел. Но покрај ова, голема е веројатноста дека развивајќи ги овие вештини ќе научиме и повеќе да ги почитуваме и своето и туѓото мислење. А кога ќе научиме да почитуваме многу помалку ќе нѐ интересираат туѓите животи и многу повеќе ќе се занимаваме со сопствениот раст и развој.

Препорачани четива

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *