Се чини дека сите луѓе се стремат кон тоа да „им биде убаво“ во животот. Ако погледнеме посуштински, поимот „убав живот“ се однесува на квалитетен живот. А поимот квалитетен живот или квалитет на живеење, горе-долу, се дефинира како лично задоволство на единката со сопствените достигнувања. Понародски кажано, секој човек сам за себе одредува колку е задоволен од својот живот. Сите ние ова задоволство, вообичаено, го изразуваме врз основа на тоа:
- колку сме финансиски обезбедени,
- колку сме задоволни од условите на работата што ја работиме,
- колкава хармонија имаме во семејството,
- колку сме здрави,
- колку се чувствуваме безбедни,
- колку можеме да ги исполниме нашите потреби за култура, уметност, забава,
- колку се чувствуваме слободни,
- колкави можности имаме за изразување на своите потреби и способности. (СЗО, Инвестопедија, Британика)
Животните потреби на човекот Абрахам Маслов ги поделил на пет нивоа:
- Телесни, што подразбираат: воздух, храна, пијалаци, облека, секс, топлина, покрив над главата, сон;
- Сигурност, што подразбира: емотивна сигурност, финансиска сигурност, обезбедена работа, добро здравје, безбедност;
- Љубов и припадност, што подразбираат: пријателство, интимност, доверба, прифатеност, припадност, љубов;
- Вреднување, што подразбира: достоинство, почитување, успех, престиж;
- Самоостварување, што подразбира: испитување на личните граници и на личните можности и потреби кои биле потиснувани или кои ги надминуваат до тогаш спознаените.
Човек кој ги има остварено или надраснато овие потреби живее живот во изобилство. Но остварувањето на овие потреби не значи дека човек ќе има изобилство. Изобилството не треба да се условува со остварувањето на овие потреби. Напротив, препорачливо е да се направи спротивното. Оној што сака да има изобилство прво треба да научи какво е чувството да се има изобилство. Потоа сите постапки тој човек ќе го водат кон остварување на изобилство.
Луѓето што имаат изобилство својот живот го живеат животот со леснотија, без грижи, без отпори. Затоа е можно патем да треба да ги стекнат и овие и слични доблести, но и да се ослободат од отпорите кои им го попречуваат патот до изобилството. За разлика од нив, повеќето луѓе ги живеат своите животи како Тевје млекарот, мечтаат за тоа како би живееле кога би биле богати. Но тоа е сѐ што прават, мечтаат.
Препорачани четива