Слепата кокошка
Слепата кокошка

Слепата кокошка

Не постои „слепата кокошка“. И секое „зрно“ може да се најде.


Србите имаат една поговорка која вели, „И ћорава кока понеко зрно убоде“, што на македонски би се превело како „И слепата кокошка по некое зрно ќе најде“. Во преносно значење со ова се подразбира дека и оние „неспособните“ понекогаш успеваат да остварат некаков успех. Но дали навистина е така? Дали „неспособен“ човек може да оствари успех во нешто за што не е способен?

Заедничкото за слепата кокошка и за онаа „при очи“ е што чувстуваат глад и поради тоа бараат храна. Значи и двете кокошки колваат и претаат во земјата за да најдат храна. Се разбира, потребата да јадат е водена од потребата да се одржат во живот, што значи дека целта да се најде храна ѝ служи на целта да се живее. Бидејќи и двете кокошки живеат значи дека и двете ја остваруваат својата цел. Разликата е во тоа што слепата кокошка потешко ја остварува својата цел.

Значи, ако човек е неспособен за нешто, тој/таа не би можел/-а да го оствари тоа за што е неспособен/неспособна. А ако ја остварил/-а целта, тоа значи дека е способен/-на за такво нешто, само што треба да вложи повеќе труд. Тој дополнителен труд што треба да се вложи не е за остварување на поставената цел туку за совладување на отпорите предизвикани од „слепилото“. Така, како што слепилото ја попречува слепата кокошка лесно да дојде до храна, така луѓето имаат отпори кои ги попречуваат да ги остварат нивните цели. Инструкторите и практичарите по Тета исцелување имаат една изрека која вели, „Сѐ што сакаме да имаме, а го немаме, се плашиме да го имаме“. За среќа, има решение.

Отпорите, вклучувајќи ги и стравовите, се само програми во нашата свест и можат да се разрешат. Со разрешување на отпорите се расчистува патот до целта и се олеснува остварувањето на поставената цел. И уште повеќе, на таков начин се олеснува остварувањето и на други цели. На пример, кокошката која со леснотија наоѓа храна има повеќе време и сила за други активности. Кога човек ќе ја оствари својата цел тогаш сфаќа колку бил заслепен/-а од своите отпори. Сѐ што требало да направи е јасно да ја постави својата цел и да ги разреши отпорите кои го попречувале во остварувањето на поставената цел. Се разбира, прво требало да донесе одлука да се впушти во такво доживување, а тоа е цел сама по себе.

Препорачани четива