Син ми ми одржа лекција денес. Не е дека е прв пат да ми одржи лекција. И не е прв пат да останам занемена пред него. Само, ова е прв пат мојот четиригодишен син да поттикне потполна деконструкција на архетипите за моќ во мене.
Сѐ почна пред три дена.
„Мамо, јас сум магаре.“
„Зошто магаре? Од каде ти текна тоа?“
Бев изненадена од ваквата ненадејна изјава. Не ми беше пријатно чувството син ми да се смета себеси за магаре. Можев и да претпоставам од каде му е тоа.
„Баба секогаш ми вели, ‘Магаре едно’.“
Грутката од желудникот ми се прошири низ целото тело. Никако не можам да се справам со воспитните методи на свекрва ми. Бадијала се сите обиди љубезно да ѝ објаснам дека дете не се воспитува така. Особено се згрозувам од тоа што нејзиниот кредибилитет го засновува на сопствениот став дека она две деца воспитала. Секогаш добивам нагон саркастично да ѝ одговорам, „Ама си ги воспитала?!“. Ама, па, за едно од тие две деца јас сум мажена.
„Не си магаре, се шегува баба ти.“, се обидов да ги поништам штетните влијанија на мојата свекрва врз моето дете. „Ти си лав на мама!“
„Зошто лав, а не магаре?“
„Затоа што лавот е силен и моќен и страшен. Сите се плашат од него. Тој е крал на животните и сите го почитуваат.“
„А магарето какво е?“
„Магарето е мирно. Тоа на луѓето им служи само за да носи товар, да работи за нив. И сите сметаат дека е глупаво.“ Немаше повеќе прашања. Тој се врати на играта, а јас на моите обврски.
Речиси заборавив на тој разговор, ама син ми изгледа не заборавил. Се враќавме од градинка кога праша, „Мамо, зошто сите го почитуваат лавот кога тој е страшен? Нели се плашат од него? И како магарето може да биде глупаво ако им служи на луѓето, ако работи за нив?“
Можете да претпоставите што сакав да му одговорам? Заустив да кажам дека сите им се восхитуваат на силните и на моќните и дека сите се поклонуваат пред страшните. Заустив и занемев. Се сетив дека и јас сум магаре. Секој ден одам на работа и таму носам секаков и сечиј товар и треперам пред шефот од страв дека ќе ме казни или дека ќе ме отпушти. И згора на сѐ, му се восхитувам на моќта.
Какво магаре сум јас? Ни самата не се почитувам поради работата што ја вршам, а им се восхитувам на оние што ме товараат.
„Да, имаш право, магарето е вредно и полезно, а лавот е тој што треба да научи да ги почитува другите.“ Ова беше само блед обид да ги поништам штетните влијанија во моето воспитување врз моето дете. Тој само кимна со главата, задлабочен во други мисли на кои им се препуштил додека јас ги распредував моите верувања.
Ама сфатив дека треба да поработам на сопственото воспитување ако сакам добро да го воспитам моето дете.
Препорачани четива