„Ти испадна насмевката.“ Трајче го подигна погледот од своите правливи износени чевли кон бездомникот што ја изрече реченицата. Му се обраќаше нему и со прст покажуваше на тротоарот зад Трајче. Куршлус. Збунката и стравот кои пламнаа од судирот на мислите во кои беше задлабочен со стварноста со која беше соочен предизвикаа итна реакција на одбегнување. Исчекори на страна и го заобиколи бездомникот за да си го продолжи патот.
Не беше Трајче човек што не сака да помага. Ете, денес ја запостави својата работа за да го замени колегата на шалтерот затоа што тој мораше да заврши некоја приватна работа. А на шалтерот трпеливо им објаснуваше на барателите кои документи им требаат и како да ги пополнат барањата, иако сѐ беше јасно напишано на известувањата закачени на огласната табла. Ама Трајче имаше трпение. Сепак, тој е службеник платен од граѓаните. А Трајче озбилно ја сфаќаше својата служба. Иако не беше негова работа да услужува на шалтер тој сметаше дека барателите на услуги не треба да чекаат затоа што шалтерот е затворен. Колегите ја ценеа неговата пожртвуваност и затоа често бараа услуги од него.
Сакаше, Трајче, да помага, ама овој испад го изненади. Го отргна од мислите за Тања, колешката на која постојано ѝ помагаше да се справи со компјутерот. Можеби за Фејсбук и за Инстаграм беше махер, ама со софтверот за работа и со компјутерската мрежа, едноставно, не се снаоѓаше. А и зошто би се трудела да научи кога Трајче секогаш беше тука да ѝ помогне. А тој веднаш дотрчуваше. Се топеше кога беше во нејзина близина. Но тоа доживување траеше кратко, само додека да го среди нејзиниот компјутер. Немаше храброст да излезе со неа ниту на пауза. А во мигот пред да се судри со предупредувањето на бездомникот размислуваше за тоа како Тања постојано оди на дружби со колегите по работното време, ама него никогаш не го поканиле. Всушност, Трајче имаше впечаток дека секогаш го избегнуваат.
Чуден некој човек? Бездомник, а не бара ништо? Трајче тешко се снаоѓаше во општење во кое оној што му се обраќа не бара ништо од него. Не беше навикнат да му даваат и сега се чудеше што му се случило. Но не размислуваше долго за тоа. Брзо заклучи дека бездомникот се шекнал или дека нема попаметна работа и со мислите скршна на Тања.
* * *
Следниот ден, на враќање од работа, врвеше по истиот пат и погледот му застана на истото место на тротоарот на кое бездомникот му покажуваше претходниот ден, но таму имаше само зелена `рканица размачкана од нечија потпетица. „Одвратен народ,“ си помисли и продолжи преку пешачкиот премин.
„Не е таму каде што ја бараш.“
„Молам?“, се сврте Трајче кон жената што продаваше дреболии на аголот на улицата.
„Насмевката. Не е таму каде што ја бараш.“, повтори таа со насмевка.
Повторно куршлус и повторно одбегнување. „Што им е на луѓево? Што си замислуваат? Со кое право се мешаат во туѓата приватност?“, на Трајче му се вртеа прашања низ главата додека се одалечуваше од жената. Ама овој пат не можеше да ги скроти мислите.
Вниманието му го одвлече песната што ечеше од еден автомобил во минување. „Зарем уште постои некој што слуша ваква музика?“ Електрични оргазам беа една од омилените групи на татко му и Трајче често беше изложен на нивното влијание. Почна да си потпевнува и се развесели присетувајќи се на среќното детство.
„Заборави на јуче, хајде, погледај у сутра видеќеш да желиш, видеќеш да можеш. Одговоре које тражиш нису баш далеко погледај у себе, погледај у себе. Нека твоја глава буде само твоја брига не дај да јој говоре, нека сама открије. Нана на на нана на на нана...“ ♪ ♪ ♫ ♪ ♬
* * *
Таа вечер Трајче сонуваше сон што го измачуваше во следните три дена.
„Ти си лошко!“, гневно извика девојчето.
„А ти си смотана. И не сакам да се играм со тебе.“, возврати детето Трајче во сонот.
„Ти со никого не сакаш да се играш. Гледаш дека сите бегаат од тебе?
Се разбуди вознемирен. Беше заборавил на оваа случка од детството и се чудеше зошто сега му се појави во сонот. Се надеваше дека ќе поспие подолго, но не можеше да се избега од мислите што го преплавија. Уште еден осамен викенд во домот на неговите родители кои, вообичаено, во тоа време беа на село. Прилично незгодна состојба. Без девојка. Малкуте пријатели веќе беа зафатени со брачни обврски, а тој секако не чувствуваше дека може да побара утеха од нив. Мислите преминаа во вител.
„Сите бегаат од тебе.“, го гореа зборовите на девојчето. Имаше впечаток дека постои некаква врска меѓу вознемирувачкиот сон, бездомникот и жената што продава дреболии. Се погледна в огледало и сфати дека навистина нема насмевка на неговото лице. Не можеше да се сети кога последен пат искрено се смеел.
„Бегаат од тебе! Бегаат од тебе! Бегаат од тебе!“, мислите почнаа да стануваат непријатни, дишењето отежнато. Му се слоши. Се исплаши. Дома е сам, кој ќе му помогне?
Грчеви во стомакот. Забрзана работа на срцето. Дали умира? Паника! Се стутка на подот со колениците во прегратки. Болка! Плач!
„Љубов! Ми треба љубов!“, липаше во грч.
И… мир. Ненадејно чувство на утеха му го преплави целото тело. Како некој да го милува. Како да се лула во нечии прегратки. Полека се опушти и заспа.
* * *
Тој понеделник Трајче си ги заврши своите работни обврски. Им помагаше и на колегите, се разбира, ама само онолку колку да им посочи дека треба самите да преземат одговорност за себе и за својата работа.
Тој викенд Трајче сфати дека нема потреба да им угодува на другите за да добие љубов. Јасно му беше дека има уште многу нешта што треба да ги разреши кај себе, ама сега беше многу полесно. Сега научи да прима љубов. Сега научи да ги следи знаците кои стојат покрај него. Сега знаеше дека има поддршка.
На враќање од работа не ги сретна ниту бездомникот ниту жената што продава дреболии.
Препорачани четива