Има една епизода од серијата „Теорија за Големата експлозија“ во која Леонард Хофстедер, еден од главните ликови, треба да одржи говор пред матурантите од средното училиште во кое и тој матурирал, многу години претходно. Комичниот заплет околу овој лик, во оваа епизода, се прави со тоа што Леонард, сега успешен физичар, доктор на науки, во својата радост поради укажаната чест, всушност, покажува дека оваа можност ја користи за на свој начин да се одмазди за сите понижувања и омаловажувања на кои бил изложен од страна на своите соученици во средношколските денови. И тоа му успева, до некаде. Со својот говор Леонард покажува дека сега е успешна личност. Од друга страна, онака како што е изграден овој лик, низ целата серија се провлекува замислата дека понижувањата и омаловажувањата во детството, меѓу другото, му биле поттик на Леонард да изгради успешна кариера како физичар, но и да ја најде својата сродна душа.
Слично како и Леонард Хофстедер, многу луѓе со успех во своите животи се соочуваат со „сеништата“ од својата младост. Можеби сте ја слушнале онаа српска изрека, „Знам те пушко док си пиштољ била!“? Во Скопје има една многу погруба верзија на оваа изрека која вели, „Го знам какво лигле беше, не може мене да ми се курчи!“. Двете изреки имаат иста примена, да се омаловажи нечиј успех. Вистината е дека не ја познаваат личноста за која зборуваат. Ним им е важно само да ја задржат својата положба на моќ за да ги прикријат своите слабости.
Многу поважно овде е што луѓето кои се предмет на вакви муабети често пати потклекнуваат пред мислењата на ваквите ликови. И уште полошо, нивното мислење го прифаќаат како свое и тоа потоа ги следи низ животот како „сениште“. Се појавува во сите облици, познати и непознати, во миговите на опуштеност или на прагот на ново достигнување, потсетувајќи го човекот колку е „мал“ и уште колку „треба да се докажува“. Овие луѓе се образуваат себеси според мислењето што другите луѓе го имаат за нив.
Но не мора да биде така. Луѓето кои почнале да се осознаваат себеси постигнуваат поголемо разбирање за себе, но и за другите. Престануваат да се образуваат себеси според туѓите замисли. Сфаќаат дека можат да постигнат успех без потреба да минуваат низ понижувања и омаловажувања. Луѓето кои се осознаваат себеси знаат дека е многу помудро да научат какво е чувството да се има вистинско вреднување, почитување, самодоверба, посебност. Знаат дека овие доблести им помагаат да ја задржат за себе сета онаа моќ која им ја „дарувале“ на сеништата од минатото. И знаат дека тогаш сеништата ќе исчезнат… или и тие ќе научат да вреднуваат и да почитуваат.
Препорачани четива