Ако нема смисла, има начин
Ако нема смисла, има начин

Ако нема смисла, има начин

…тогаш почнав да забележувам и дека немаат сите луѓе таква судбина и дека не живеат сите на таков начин и што е најважно, дека тоа не е нормално.


Не бевме лоши, ама знаевме да направиме по некоја ѓурултија. Бевме млади, ако младоста може да биде оправдување за постапките кои предизвикуваат штети или кои можат да предизвикаат штети? Веќе не се ни сеќавам што направивме, ниту кој се беше присутен на случката, ама памтам дека од таа случка произлезе една изрека која потоа долго време ја повторувавме во друштвото, онака, на мајтап.

Можно е тоа да беше Пума, така го викавме, исто како што е можно да е и кој било од моите другари од средношколските или студентските денови. Едноставно, не памтам. Исто како што не памтам каква ѓурултија направивме. Памтам само дека еден повозрасен човек кој на некаков начин беше засегнат од нашата постапка рече, „Па, добро, има ли смисла ова што го правите?“, или нешто слично што во себе секако ја содржеше синтагмата „има ли смисла?“ и чувство на осуда на нашата постапка. На тоа некој од нас, не бев јас, одговори, „Нема смисла, ама има начин“. Се разбира, во тоа време тој младешки пркос и безобразлук ни беше забавен и оваа изјава ни стана изрека за мајтапење. Но и тоа не е најважното во целава приказна, туку како тоа се престори во мудрост која ми помогна во животот.

Многу години по штуро опишаната случка и многу години по избледувањато на споменатата изјава од хуморот во моето друштво, во годините кога почнував да се соочувам со одговорноста за егзистенција во оваа стварност, оваа изрека почна да добива ново значење во мојот живот. Не бев подучуван да преземам одговорност за мојот живот, не повеќе од она што можев да го препознаам како мои знаења и вештини. Имав период во животов во кој сѐ почна да ми изгледа бесмислено. За сѐ што посакував да направам или да имам постоеше причина зошто не можам да го сторам или да го имам тоа. Верував дека тоа ми е судбина и дека сите живеат така и што е најлошо, верував дека тоа е нормално. Верував дека е нормално да се живее со малку пари, во стилот на „Купи ден – помини“. Верував дека е нормално да се работи напорно, а да се заработи малку. Верував дека е нормално да се потчинувам пред „луѓето од кои зависам“, во стилот на „оној што треба да го молиш немој да го лутиш“. Верував дека е нормално да живеам во страв, во болка, во страдање.

Но тогаш почнав да забележувам и дека немаат сите луѓе таква судбина и дека не живеат сите на таков начин и што е најважно, дека тоа не е нормално. Тогаш сфатив дека оние причини „зошто да не направам?“ или „зошто немам нешто?“ се само изговори кои ме попречуваат да ги остварам моите желби и намери. И тогаш, во таа бесмисленост јас почнав да барам начин. И успеав. „Зошто не?“ го престорив во „Како?“. А од тоа „Како?“ почнаа да произлегуваат можности и решенија.

Верувам дека повеќето читатели и читателки, слично како и луѓето со кои до сега имам муабетено на оваа тема, сега се прашуваат кој е начинот? Морам да кажам дека самата помисла или споменување на ова прашање кај мене поттикнува добронамерна насмевка. Немам точен одговор на ова. Секој човек има свој начин. Секој човек оди по својот пат. Единствено што е клучно е изговорите да се претворат во барање начин. Од „Зошто не?“ да се премине на „Како?“. Моето искуство е дека кога ќе изгубев смисла, секогаш се појавуваше и начин да излезам од бесмисленоста.

Препорачани четива