Кој бега од убаво?
Кој бега од убаво?

Кој бега од убаво?

Од убаво никој не бега, ама постои и друга страна на нашиот однос кон „убавото“ – страв од „убаво“.

На свесно ниво изгледа како сите се стремиме кон нештата што ни предизвикуваат задоволство, што ги сметаме за „убави“. Спротивно на ова, кај многу луѓе од потсвеста се манифестира однесување кое остава впечаток дека „убавото“ постојано „им бега“, „им се слизнува низ рацете“. Всушност, не бега „убавото“ од нив, тие бегаат од „убавото“. Или поточно, го оттурнуваат „убавото“ од себе.

Оваа тематика е значително застапена во популарната култура. На пример, во 1940 година Френк Синатра ја промовира песната „Сѐ мене ми се случува“ (анг. Everything Happens To Me). А во 1980 година е објавен и филмот чиј наслов кај нас беше преведен како „Зошто сѐ мене ми се случува?“ (итал. Chissà perché… capitano tutte a me). Имајте предвид дека на сите луѓе постојано им се случува нешто, но насловите на овие творби од популарната култура нагласуваат дека има луѓе кои се прогамирале себеси под поимот „сѐ“ да подразбираат дека сѐ што им се случува е „лошо“. Слично на нив, постојат безброј уметнички творби изградени на ликови кои постојано бегаат од „убавото“.

Жан-Мишел Моро, Илустрација од романот „Кандид или оптимизам“, 1787 година.

Претходно, во XVIII век, Волтер во својот сатиричен роман „Кандид, или оптимизам“ сакал да го критикува „претераниот“ оптимизам на Лајбниц и верувањето дека „овој свет е најдобриот од сите можни светови“. Кандид, главниот лик во романот, заедно со уште неколку ликови, минува низ низа перипетии со кои се покажува сето „зло“ на овој свет и неспособноста на луѓето да го воочат „доброто“. Но, случајно или намерно, Волтер покажува дека Кандид и неговите сопатници низ тие доживувања созреваат и стекнуваат поголемо знаење и мудрост. Затоа, кога ќе се погледне посуштински, овој свет и не е толку лош, како што Волтер сакал да го претстави. На крајот самиот Волтер, преку ликовите во романот, заклучува дека човекот може да живее подобро и дека од самиот човек зависи како ќе ја одгледува својата „градина“.

Она што човека го спречува да живее убаво, да има задоволство, се забраните што сам си ги поставува. Забраните можат да бидат разновидни: забрана да се живее во изобилство, забрана да се чувствува радост, забрана да се има искрен однос со другите луѓе, забрана да се добие соодветно вреднување, забрана за телесни уживања итн. Причините зошто си поставуваме вакви забрани се закопани длабоко во потсвеста на секоја единка што се препознава во овој напис.

Тоа што се закопани во нашата потсвест не значи дека овие забрани се изолирани. Тие зрачат од нас и нѐ обликуваат како личности. Како такви личности, општиме со самите себе и со другите битија. Затоа не треба да нѐ изненадува кога повратната реакција е „лоша“. Другите битија само ни одговараат со истата вибрација што ја примаат од нас. Всушност, самите ги предизвикуваме околностите кои ги оценуваме како „лоши“. Но не мора да биде така.

Како што заклучува Волтер, секој човек треба сам да се „одгледува“ себеси. Секој човек сам треба да се справи со сопствените гледишта на „доброто“ и на „злото“, слично како што Кандид ја учи оваа мудрост од дервишот. Само кога ќе погледне во себе човекот ќе ги сфати причините за забраните што си ги има поставено. Само така човекот ќе може да ги научи своите лекции. Само така човекот ќе зрачи со добри вибрации. Само така човекот ќе ги развие своите доблести. Само така човекот навистина може да живее убаво. И тогаш, можеби, овој свет ќе биде „најдобриот од сите можни светови“.

Препорачани четива

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *