Дедо ми беше риболовец, рекреативец. Не знам колку голем вљубеник во риболовот беше, ама знам дека имаше неколку трски и неколку орши и разновидни јадици, тапи и конци. Сам си произведуваше и „оловца“. Топеше делови од стара одводна цевка и течната маса ја излеваше во калапи со различни димензии за да ги обликува оловцата. Сам одгледуваше и црви или можеби глисти, како мамци за риболов. Е, тие, црвите, ги имаше вкопано во земја во една лимена кофа што ја имаше вкопано во дворот. Врз нив го фрлаше отпадот од овошјето и зеленчукот, како храна за црвите. Еден ден, по долго време, забележав дека лимената канта веќе не е во земјата, ама дедо ми и понатаму на тоа место фрлаше отпадоци од овошје и од зеленчук. Кога го прашав зошто ја тргнал кофата, збунет затоа што, нели?, црвите ќе избегаат, тој ми одговори со прашање, „Кој бега од убаво?“. Немав повратен одговор, премолчано ја прифатив мудроста. Навистина, кој бега од убаво?

А вие останавте без уште еден работник. И си велите, „Веќе нема работници.“; „Сите што вредеа отидоа во Германија.“; „Нашиов народ не сака да работи.“; „Младиве немаат работни навики.“; „Сите сакаат леб без мотика.“. Нели?
Има вистина во тоа. Ама овие уверувања кај нас се пренесуваат од колено на колено за денес, конечно, како општество да се доведеме во состојба да немаме доволно квалификувана работна сила. А во приказни не веруваме. Веруваме само во „суровата стварност“.
Додека се занимаваме со префрлување на вината, уште многу работници си заминале од дотогашите работни места. Нивната причина е едноставна, си нашле нешто подобро. Можеби заминале на гурбет. Можеби преминале во друго претпријатие. А можеби, едноставно, решиле дека им е подобро да останат без работа наместо да работат под постоечките услови. И замислете, со овој тренд Македонија не е далеку од земјите со кои сака да се мери, како на пример со САД. Но вам оваа мода не ви помага многу, особено кога ќе ве напушти квалификуван работник. Сега повторно ќе морате да објавувате конкурси, да правите избор и да посветите време, сила, внимание за нововработениот работник или работничка да се обучи и да се прилагоди на вашата работна заедница. Ако сте навикнати да го правите ова, продолжете така. Ако сакате да си олесните, па, верувам дека ќе сакате да продолжите со читањето на овој напис.

Овде ќе ви го поставам прашањето, што направивте за да ги задржите квалификуваните и заслужните работници? Редовно им давате плата? Ги наградувате со бонуси или слободни денови? Ги носите на „тим билдинг“? Толку многу правите за нив, а тие и понатаму си заминуваат. Па што повеќе да сторите?
Одговорот е едноставен, од убаво никој не бега. Ама најтешко е да се одговори на прашањето, што е тоа убаво? За црвите споменати на почетокот на овој напис е едноставно, ним им треба храна и влажна почва. Со луѓето е малку потешко. Ним постојано им се менуваат критериумите за „убаво“. Сепак, не е неизводливо. Ама наместо да ги менувате другите, пожелно е да почнете од себе и од сопственото „совршенство“.
Ако сте работодавач или раководител треба да бидете најфлексибилни, наместо најкрути. А тоа се учи. Многу е веројатно дека би ви било полезно ако кај себе развиете разбирање. Така полесно ќе ги разберете и своите и туѓите потреби. Нема да ви штети да стекнете и малку повеќе мудрост. А ако од работниците очекувате почитување и послушност добро би било и вие да ги имате овие доблести. Ако очекувате од работниците постојано да учат и да напредуваат би било добро и вие да располагате со инвентивност и иновативност, затоа што, без разлика на вашата претежна дејност, секогаш постојат можности за развој.
Всушност, од вашата претежна дејност зависи кои доблести и вештини ви се потребни за да изградите стабилна работна заедница. Повеќето луѓе очекуваат еден рецепт за секого, ама тоа не е баш така. Можете стручно да се дообучувате и доусовршувате, ама како ќе располагате со вашето знаење зависи само од вас. А тоа може да биде условено од чувства и верувања кои, барем навидум, немаат никаква поврзаност со вашето стручно знаење и искуство. Ама вие веќе го знаете ова. Само што не можете да најдете време за да почнете да се менувате себеси, веќе сте презафатени со обука на кадар кој потоа ќе ве напушти за да работи за оние кои имаат време за себе.
Препорачани четива