Зошто јас да се менувам ако другите не чинат? Често го слушам ова прашање од луѓе кои се незадоволни од особините и од однесувањето на другите луѓе, најчесто нивни блиски. На пример, луѓето се нервираат затоа што нивните деца се непослушни или слабо учат. Има луѓе што им се лутат на соседите поради тоа што често предизвикуваат бучава, особено во време за одмор. Секако има луѓе што се нервираат поради тоа што некој несоодветно го паркирал возилото, со што ги попречува другите да паркираат.
Кога на таквите луѓе ќе им забележите на нивните особини и навики најчестиот одговор е дека и вие „не сте цвеќе за мирисање“. И ќе ви изнаредат забелешки за вашите особини и навики кои ним им пречат. Во ваквите односи меѓу луѓето преовладуваат чувства како: разочарување, замерување, лутина, бес, гнев, омраза. Можеби некој има поинакво искуство, ама јас ништо добро немам искусено од ваквите чувства.
И сега се навраќам на прашањето, зошто јас да се менувам ако другите не чинат? Одговорот е многу едноставен, затоа што јас го чувствувам тоа. Ако јас сум лут поради нечија особина или нечие однесување значи дека јас имам чувство на лутина. А, како што споменав, јас, лично, никогаш ништо добро не сум добил од ваквото чувство. Напротив, на тоа чувство знаат да се накалемат други, уште понеповолни чувства и верувања.
Одговорот е едноставен, штом јас го имам тоа чувство, значи дека мене ми пречи. Најдоброто што можам да го направам е да го сменам тоа кај себе. Така, најмалку што можам да добијам е наместо лутина да бидам исполнет со чувства кои ми се многу пополезни. А другите сами нека си го берат гајлето. Кога ќе сфатиме дека не можеме да ги смениме другите единствено што ни преостанува е да се смениме себеси. Луѓето кои направиле вакви промени кај себе забележуваат промени во нивните односи со другите луѓе, но и подобрувања кај другите луѓе.
Животот со радост е многу поплодотворен.
Препорачани четива