Попаметниот попушта
Попаметниот попушта

Попаметниот попушта

Точно е, попаметниот попушта. Во интерес на „мирот“. Во интерес на „добрите“ меѓучовечки односи. Во интерес на „љубовта“. Во интерес на било какво „општо добро“.

Ама мудриот не попушта. За волја на вистината, мудриот не се ни противи. Мудриот не се потчинува. Мудриот не се понижува. Мудриот не се расправа. Мудриот не се нервира. Мудриот не се обвинува себеси поради туѓите чувства, верувања, постапки.

Мудриот знае дека има избор. И знае да ја избере најдобрата и највозвишената од сите понудени можности. И знае да направи нов избор ако претходно направил избор кој не е најдобар и највозвишен за него.

Мудриот некогаш бил паметен. И настојувал да биде попаметен. Мудриот ги научил своите лекции и сфатил дека повеќе нема полза од тоа да се нервира поради: тротоарите препречени со паркирани возила и угостителски објекти, несовесните возачи, корумпираните службеници, неучтивите продавачи, неквалитетните услуги. Мудриот научил дека чувствата и верувањата поврзани со другите луѓе се негови и дека само тој може да ги смени. Мудриот научил дека за негово најдобро и највозвишено добро е неговите чувства и верувања да бидат засновани на доблести. Мудриот знае дека само на таков начин може да го живее животот без страв, без болка, без страдање. Мудриот знае дека само на таков начин може да го живее животот со радост и задоволство. А сѐ што направил мудриот е што научил Мудрост.

Препорачани четива