Јас сум најважен
Јас сум најважен

Јас сум најважен

„Јас сум најважен.“. Во женски род „Јас сум најважна.“. Во среден род „Јас сум најважно.“. Да, секој човек на себе си е најважен… или би требало да биде. Вистина е дека постојат луѓе кои другите ги ставаат пред себе… или барем мислат дека го прават тоа. Хм!, навистина е зачудувачко сето она што се крие под површината на нашето знаење за себе, цела една скриена вселена. Сепак, сега ќе се задржам на важноста за себе.

Нормално е човек сам на себе да си биде најважен. А важноста за себе не значи дека другите луѓе се неважни. То не значи дека оној што е важен треба да ги истуркува, оттурнува, понижува, потценува, обезвреднува другите луѓе. Ако така се однесува, тој човек не си е вистински важен на себе. Тој човек само се бори за простор, за внимание, за вреднување, за почитување.

Секако сте забележале како некои луѓе постојано се туркаат да влезат преку ред. Често знаат да се праваат наивни и малоумни за ваква привилегија, чиниш азното ќе им пропадне ако го испочитуваат редот. Неодамна, во оние претпразнични турканици, слушнав една добра шега која прашува, „Кога Македонецот е најбрз?“, а одговорот гласи, „Кога касиерката во продавница ќе викне, ‘Може и на оваа каса!“. Тогаш гледаме како оние што стојат последни во колоната „нозе ќе искршат“ за да се наредат први на новоотворената каса наместо да ја испочитуваат предноста на оние што стојат понапред во колоната. А овие навики не важат само во продавница. Многу е интересно да се видат сите оние самопрогласени припадници на „повисоката класа“ како кога се на скијање се туркаат да влезат преку ред на жичарница или на ски-лифт, слично како и луѓето од, ним презрената, „пониска класа“.

Друг омилен пример ми се навиките за паркирање на возило на тротоар, на тревник, на коловоз, пред нечија врата или на пропишан паркинг, но на поголем простор од оној означен за едно возило. Се паркира секако, само не прописно. Слично е и со возењето. Има многу возачи кои се во состојба да ги истуркаат другите од коловозот само за да застанат едно-две места понапред во колоната или да стасаат неколку минути порано на своето одредиште. Во последниве неколку години многу често може да се слушнат фалби за тоа колку бргу некој стасува со возило од точката А до точката Б, спротивно на физичките закони и на сообраќајните правила и прописи.

Примерите се безбројни, но она што може да се прочита во ваквото однесување е едноставно. Луѓето што се однесуваат вака на светот му кажуваат, „Јас сум најважен/најважна/најважно.“. А пораката која следува веднаш по оваа е, „Кој ги ебе другите.“ или изразено со поуметнички јазик, „Живеј и остави ги другите да умрат.“. Но не завршува овде. Ако ги вкрстите овие изјави ќе видите дека зад таквото однесување кај тие луѓе може да се препознаат себичност, саможивост, суетност, ароганција, но и недостаток на самодоверба и на самовреднување. Овие луѓе мораат постојано да се докажуваат за да се чувствуваат добро.

Ако ѝ припаѓате на оваа група луѓе и сега си велите, „Па што ако? Сите така се однесуваат.“, грешите. Не се однесуваат сите така. А и ако се однесуваат сите така, не значи дека тоа е добро, особено затоа што оние претходно наброени чувства и верувања се поддржани од разочарување, замерување, лутина, гнев, бес, омраза. Навистина ли сакате да држите вакви чувства и верувања во себе?

Многу подобро се живее кога тие чувства и верувања ќе се заменат со вреднување, ценење, почитување. Човекот што ги има развиено овие доблести има и поголемо разбирање за другите луѓе. Тој човек разбира што навистина значи тоа да си е важен на себе. Тој човек е способен да ја задржи својата посебност и да одржи добри односи со другите.

Препорачани четива

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *