Како да имам добро здравје? Како да се вработам? Како да напредувам на работа? Како да го поднесам измачувањето од страна на шефот/шефицата? Како да создадам мотивиран тим, посветен на работата? Како да почнам самостојна дејност? Како да се справам со мушичките на сопругот/сопругата? Како да изградам добри односи со децата? Како да се справам со корумпираната администрација? Како да го натерам овој народ да ја сака својата татковина? Како да го положам испитот? Како да се заштитам од расипаниот асистент/професор?
Илјадници прашања, а ниеден соодветен одговор. Или поточно, ниту еден одговор што вам ви се допаѓа. Знаете зошто? Затоа што сите одговори се сведуваат на исто, треба да почнете од себе.
„И сега што треба да правам, да одам на психијатар?“, ме праша еден од учесниците на една обука, незадоволен од околностите за стопански развој во неговата општина, но и во целата држава. Се воздржав да му одговорам за да не се пренасочува расправата, ама мојот одговор секако би бил, „ако во тоа гледате решение, да.“. Причината е едноставна, единствената промена што можеме да ја направиме е кај себе, а тоа е единствената промена што навистина ни е потребна. Кога човек ќе се ослободи од она што го мачи сето она што му причинувало мака станува небитно, а голема е веројатноста дека и околностите ќе се сменат.
Сѐ што сакаш да имаш, а го немаш, се плашиш да го имаш.
Е сега, вистинското прашање е као да се направи промената? Првото нешто што може да го направи човек е да прифати одговорност за себе и за својот живот. Од овде почнуваат да се бараат решенија. Се додека ги обвинувате другите за вашите маки ќе настојувате да ги смените другите. Ама тоа е Сизифов труд и дури и ако успеете, ќе биде на ваша штета. Не мора да ми верувате, ама јас со години ја повторував таа грешка. Сега само им давам поддршка на оние што бараат решенија и што се подготвени да ја земат својата „судбина“ во свои раце.
Во Тета исцелување се вели, „Сѐ што сакаш да имаш, а го немаш, се плашиш да го имаш.“. Ова би требало да биде одговор на потребите во сите претходно наброени прашања и на сите потреби што ги имате или што ќе ги имате во иднина, а не знаете како да ги остварите. Стравот е еден од најголемите отпори за успешен раст и развој, но не е единствен. Едноставно, човек треба да се нурне во себе, во својата потсвест, за да ги открие отпорите кои му го попречуваат патот до целта. Најчесто, најдлабоко вкоренетите отпори се многу поразлични од оние што човекот ги забележува во секојдневието. Кога ќе ги разреши отпорите многу полесно ќе ги оствари целите/намерите.
Ова е мигот во кој најчесто се поставува прашањето, „Како да го сторам тоа?“.
Мојот начин, во изминативе три години, е со Тета исцелување. Претходно, подолго од дваесет години практикував други пристапи и методи. Со нив направив значаен напредок во мојот живот, но Тета исцелување е најсеопфатен од сите методи што ги имам испробано до сега. Интензивно го практикувам во последниве три години и омилен ми е затоа што ми се потврди како метод за остварување на целите на најдобар и на највозвишен начин.
Се разбира, вие може да изберете друг метод, некој што вам најмногу ќе ви одговара. Изборот е опширен, но не е толку важно кој метод/техника ќе го користите. Важно е да почнете да ги разрешувате отпорите што ви го загорчуваат животот. Ако сакате подобар живот.
Ако не сакате…, па, секогаш можете да продолжите другите да ги обвинувате за вашите маки. За жал, тоа нема да ви ги олесни маките, ама барем ќе имате изговор за нив, исто како и повеќето луѓе.
Препорачани четива