Одеа еден крај друг, мажот малку понапред, а жената се напнуваше да држи чекор со него. Иако носеше чевли со повисоки потпетици досегаше одвај малку над неговите раменици.
„Смешни се“, си мислеше Зоран, „како да нема никаква поврзаност меѓу нив“. А сепак беа поврзани. Ги поврзуваа спомените за пријатните мигови, спомените за премрежјата кои ги имаат поминато заедно, грижата за децата. Но уште повеќе ги поврзуваа стравот од осаменост, стравот од напуштеност, стравот од осуда, потребата да им угодат на другите. Поради истите причини се презираа себеси. Поради истите причини меѓусебно се обвинуваа за сите неостварени мечти, за сите испуштени можности, за сите свои неуспеси. Сето ова се имаше испречено меѓу нив и ги задушуваше. И го задушуваше нивниот однос. Се презираа, а беа врзани.
„Не сакам ваков живот.“, Зоран чувствуваше мачнина во мевот. „Подобро да не се оженам, подобро да умрам млад.“ Но знаеше дека го сака животот и дека сака некој покрај себе во животот.
„Каква жена треба да имам за да имам хармоничен брак?“, му провеа на Зоран низ мислите. Ова беше добро прашање. Ама уште подобро е прашањето, „каков треба јас да бидам за да сретнам жена со која ќе живеам во хармоничен однос?“.
Препорачани четива