Бегајте од ‘токсични’ луѓе“, ви велат. Социјалните мрежи се полни со вакви совети за заштита на нашето духовно и телесно здравје.
Поимот „токсично“ во македонскиот јазик се преведува како отров или како загадување. Оттаму, поимот „токсични“ луѓе се однесува на оние луѓе за кои чувствуваме дека нѐ трујат, дека ни го загадуваат просторот, кога сме во некаков однос со нив. Тоа обично се оние луѓе за кои сметаме дека се непријатни, дека нѐ нервираат, нѐ исцрпуваат, нѐ заморуваат, кога сме во некаков однос со нив, дури и ако се далеку од нас.
Веројатно и вам ви е смачено од луѓето во вашата околина кои ви ја исцрпуваат силата. Многумина се обидуваат да се соживеат со ваквите совети и да избегаат подалеку, но тешко дека ќе избегате од „токсичните“ луѓе. Се случува човек да добие впечаток дека на новото место, онаму каде што побегнал, го пречекува иста таква личност каква што била онаа од која што побегнал. Всушност, обидот да побегнете од „токсичните“ луѓе е како обид да избегате од себе.
Не сте размислувале на овој начин, нели?
Секогаш изгледа како да е полесно да се избега. Ама оние што обрнуваат малку поголемо внимание на своите односи со другите битија сигурно забележале дека каде и да одат налетуваат на „напорни“, „негативни“, „токсични“ луѓе. Многу луѓе се жалат дека сите интимни партнери/-ки им се исти. Како постојано да излегуваат со „истото“ момче, осносно со „истата“ девојка, иако се работи за различни личности. Многу луѓе се жалат дека, без разлика на тоа колку работни места смениле, секаде се среќаваат со „истите“ колеги/колешки. Или можеби на секое ново работно место налетуваат на „истиот“ шеф. Слично е и во сообраќајот, секогаш некој ќе излета пред вас или ќе налета на вас. Таквите луѓе ги има и од двете страни на шалтерите, од двете страни на наставните катедри, од двете страни во здравствените ординации, од двете страни на „воланот“. Но и не мора да одиме толку далеку, тука се и нашите роднини, нашите родители, па, дури и нашите деца, нели? Сите околу нас можат да бидат „токсични“…, за нас.
И каде да бегаме?
Има луѓе што често менуваат интимни партнери. Има луѓе што често менуваат работни места. Има луѓе што се селат во други градови, во други држави, па и на други континенти. Некои би сакале да избегаат уште подалеку, од оваа планета, на пример, или од оваа стварност. А има и такви што „бегаат во себе“, односно што се затвораат во себе, како што обично велиме.
Се разбира, за некого ова се соодветни решенија, освен ако и таму, каде и да е тоа, не налетаат на некоја „токсична“ личност. Истово се однесува и на оние што „бегаат во себе“, на крајот може ќе се скараат со себе.
Јас повеќе сакам да погледнам во себе. Затоа за мене многу подобро решение е кога ќе се запрашам, „Како ми служи тоа што сум во допир со вакви луѓе? Што има добро во тоа што сум во допир со оваа личност? Што учам јас од ова?“.
Кои се тие лекции? Тоа секој за себе си знае, секој во себе ја има запишано својата вистина. Можеби ви изгледа чудно, ама многу добри лекции се кријат зад односите со луѓето кои ги оценуваме како токсични. Кога ќе ги научиме своите лекции ќе се исцелат и нашите односи со тие луѓе. Тогаш ќе сфатиме дека тие луѓе биле наши учители. И ако биле строги со нас, тоа било само затоа што сме одбивале да го научиме тоа што треба да го знаеме.
А што можеме да очекуваме како резултат од научените лекции? Обично се случува таквите луѓе да исчезнат од нашето опкружување или нам да ни се отворат нови можности, нови опкружувања. А се случува и тоа со некои од тие луѓе да оствариме поискрен однос, без драма, без измачување. Во најдобар случај, ако зрачите искрено, можеби и кај нив ќе потикнете промена на подобро, ќе ги ослободите од обврската да бидат „токсични“.
Препорачани четива