„Треба да се разговара.“ беше една од првите внатрешни вредности на „Демократија сега“ кои Тихо ги научи. Веќе три месеци работеше во ова здружение кое беше толку ревносно во воведувањето на европски вредности во Македонија и антагонизмот на Миа постојано го изненадуваше.
Почнаа да работат во организацијата речиси во исто време. И двајцата беа на иста возраст. Миа беше прекрасна личност кога раководеше со некоја активност и кога очекуваше помош од Тихо, ама стануваше многу непријатна кога тој ќе побараше помош од неа. Многу беше навреден кога еднаш Миа му одговори, „Тоа се плаќа од твојот проект и не е моја работа.“. А тој само ја замоли тој ден да го замени и да дојде еден час порано за да ѝ отвори на жената што им ја чистеше канцеларијата. Тихо не можеше да поверува дека е можно некој така да размислува, не во здружение на граѓани, но ја прифати забелешката и го презакажа терминот за стоматолог, иако му беше итно. Во тие три месеци имаше и други случки во кои Тихо се чувствуваше искористен, измамен, насамарен, ама оваа, последната, ја прели чашата.
Двајцата добија задача да ја водат новинарската работилница за средношколци. Миа сама се пријави да ги организира логистичките потреби, а на Тихо му препушти да состави група од десетина средношколци и да најде обучувачи за новинарство. Наместо да се занимава со логистика Миа повеќе се плеткаше во работата на групата. Тоа не му пречеше на Тихо. Напротив, тој веруваше дека така може да бидат попродуктивни, ама затоа мораше сам да преземе дел од одговорностите за обезбедување на простор за работа и за одржување на тој простор. Не му беше тешко на Тихо ни кога мораше да обезбедува материјали за работа додека Миа уживаше во дружењето со младите, ама пукна кога сфати дека изработката на интернет страницата на замисленото младинско списание не е ниту почната, а веќе се очекуваше да се промовира. Збесна. Сакаше да вика, да се расправа, но се воздржа. Та нели се бориме за поголемо разбирање? Како сега ние двајца да се расправаме, а имаме заедничка кауза?, си мислеше. Сепак, мораше да му каже на претседателот на „Демократија сега“.
Претседателот го сослуша и ја изговори клучната „треба да се разговара“ изрека и закажа состанок на кој присуствуваа тој, Тихо и Миа. Миа се бранеше дека била преоптоварена со премногу обврски, дека од неа премногу се очекувало, дека сѐ морала сама да прави, дека таму надвор ништо не функционира така совршено како во „Демократија сега“ и дека таа не може сѐ да постигне за толку кратко време. Претседателот ја сослуша со разбирање и ѝ посочи дека во иднина мора на време да известува за пречки и да бара помош. Потоа се договорија да се побара од донаторот пролонгирање на рокот за промоција на младинското списание на интернет. На Тихо му олесни кога донаторот одобри пролонгирање на крајниот рок, а потоа се зафати со изработка на интернет страницата. Два месеци подоцна Тихо беше задоволен од завршената работа, а Миа беше главна ѕвезда на свечената промоција.
Сега, седум години подоцна, Миа работи во меѓународна организација, а Тихо ја води младинската програма на „Демократија сега“, во чии рамки се издава и младинското списание. „Треба да се разговара“ се покажа како добар метод кој му помогна на Тихо успешно да ги разрешува меѓучовечките недоразбирања во тимовите кои ги водеше. На крајот, сепак, најважно беше да се заврши работата, нели?
Затоа воопшто не е за чудење тоа што Тихо многу се вознемири кога при разрешување на еден таков меѓучовечки спор Јана му возврати, „За што да разговарам? Вие само разговарате. Три часа седиме овде за да решиме туѓи проблеми.“. Ова беше ерес. Јана ги предизвика политиките за решавање на меѓучовечките спорови во организацијата и сега Тихо не знаеше како да продолжи. Почувствува нагон да скокне преку масата и да ѝ го искорне јазикот на Јана, ама тоа не беше во согласност со европските вредности, ниту со вредностите на „Демократија сега“. Затоа се воздржа и го вложи вториот адут. „Тој е начинот.“, рече. Но Јана не се предаваше. „Не може да има само еден начин, мора да има и други решенија.“, му возврати. Сега на Тихо му преостана само уште еден адут за да ѝ ја префрли одговорноста на Јана, кога веќе има смелост да го предизвикува.
„Добро, што предлагаш ти?“, ја праша.
„Па, секој сам за себе да си ги решава личните проблеми, на пример.“, одговори Јана.
Сега зовреа и останатите учесници на состанокот. Неколкумина со одобрување климаа со главите, а другите беа вознемирени.
„Сакаш да кажеш дека сме ненормални и дека ни треба психијатар?“, навредено дофрли Зоран со намера да ја притисне Јана во одбранбена позиција.
Но Јана цврсто се држеше. „Па дали вам ви е нормално ние со часови да дискутираме за тоа како некој еднаш за секогаш да научи дека треба на време да доаѓа на работа?“, возврати таа налутено. „Или можеби ви е нормално тоа што сите се собираме да дискутираме за тоа што еден-двајца не можат да се научат дека употребената хартија треба да ја фрлат во корпата, наместо покрај корпата за отпадоци?“, додаде, со нагласување на предлогот „во“. А можеби ви е нормално и да дискутираме за тоа дека канцелариските материјали не се за приватни потреби? Видете, вам можеби сето ова ви е нормално, ама мене не ми е. Особено затоа што со овие дискусии никогаш не сме решиле ништо. Само зборуваме, наместо да работиме.“
Следното утро Тихо се разбуди поизморен отколку што беше вечерта кога си легна. Не беше сигурен дали воопшто спиел или цела ноќ ја поминал во борба со своите чувства и верувања. Низ главата му кружеа секакви мисли. Сѐ уште беше вознемирен од состанокот од претходниот ден, кој на крајот, со голем напор, успеа да го заврши без „да падне крв“. За тоа, сепак, имаше доволно искуство. Тој состанок можеби заврши, ама чувствата на луѓето сѐ уште се разбранувани и знаеше дека ќе треба подолго време додека се смират. Ѝ беше лут на Јана, ама го разбираше и нејзиниот став. Всушност, мораше да признае дека е во право. Нешто ќе мора да се смени. Сѐ уште не знаеше што, ама едно секако му беше многу јасно. Промената ќе мора да ја почне од себе.
Препорачани четива