Не како чичко Горио
Не како чичко Горио

Не како чичко Горио

Чичко Горио, лик во истоимениот роман на Балзак, толку ги љуби своите две ќерки што сѐ би сторил за нив. Тој на своите ќерки им го подарува сето свое материјално богатство, сѐ до последната паричка. Но жртвата што ја прави за нив не им помага да станат почувствителни битија. Напротив, нив Балзак ги прикажува како себични, саможиви, алчни, бесчувствителни личности. Откако чичко Горио потполно ќе осиромаши ќерките го напуштаат. А кога ќе умре, болен од разочарување, тие одбиваат да присуствуваат на неговиот погреб.

Слободна волја

Да, примерот е, веројатно, „премногу радикален“, ќе речат некои. Ама сигурно имате вакви примери во вашата околина, само, можеби, помалку изразени? Или повеќе? Впрочем, веројатно повеќето родители се програмирани дека треба да се жртвуваат за своите деца. Но дали жртвата е вистинското што треба да го правиме за нив?

Обично зад таа жртва стојат намери нашите деца да имаат среќа, радост, здравје, изобилство во животот. И чичко Горио истото им го посакува на своите ќерки. И како и многу други родители, кои не се измислени ликови од романите, тој смета дека неговите ќерки сето тоа ќе го добијат во „високото општество“. А Балзак, во Романот, високото општество на Париз во 1819 година го претставува како расипано, лицемерно, користољубиво. И бидејќи за да опстанат во такво општество треба да ги имаат истите особини, сосема е разбирливо што неговите ќерки стануваат себични и алчни. И како такви веројатно ќе стекнат материјално изобилство. Прашањето е дали ќе имаат среќа и радост ако треба постојано да се чуваат од некој сличен на нив? Исто така, колку здравје ќе имаат ако немаат среќа и радост? Не барам да ми одговорите. Замислувам дека ќе ве поттикнам овие прашања да си ги одговорите за себе. Се разбира, можете да разговарате за нив и со некој близок.

Слобода

А замислете само, наместо да се жртвуваме за нашите деца, да ги подучиме да бидат самостојни, да бидат слободни, да ја изразуваат својата слободна волја, да љубат, да почитуваат, да имаат самодоверба, да бидат инвентивни, да мечтаат. Со овие доблести и вештини, и со многу слични на овие, секако ќе ги живеат своите животи со поголема среќа и со повеќе радост. Со тоа секако доаѓа и здравје. И ако не „пливаат во пари“, барем ќе бидат задоволни со тоа што го имаат. А ако влезат во „високото општество“ секако ќе бидат поотпорни на тамошното лицемерие. Впрочем, не е дека „помалку-високото општество“ е многу подобро. Тоа прашање веќе си го поставивте, нели? Муабетот ми е, децата воспитани со доблести ќе бидат поздрави и порадосни во секое опкружување.

Љубов

Ама зошто чичко Горио не ги воспитувал своите ќерки на ваков начин? Одговорот е повеќе од едноставен. И тој ги немал тие доблести и вештини. Да ги имал неминовно ќе им ги пренел и на своите ќерки. А овие доблести и вештини можат да се научат. Кога ќе ги научиме ќе можеме да им ги пренесеме на своите деца. И никогаш не е доцна. И родителите чии деца се веќе возрасни можат да им дадат слобода на своите деца. Кога им даваме слобода на своите деца се ослободуваме од програмите кои нѐ принудуваат да се жртвуваме. Тогаш и ние можеме да бидеме слободни.