Умешноста во создавањето на креативна работна средина
Умешноста во создавањето на креативна работна средина

Умешноста во создавањето на креативна работна средина

Тешко е да се најде добар работник, нели? И како што врви времето изгледа дека ќе биде уште потешко.

Од работниците/работничките се очекува да располагаат со доволно до совршено познавање од дејноста со која се занимаваат, но и да ги поседуваат следните особини:

  • Посветеност кон работата и кон претпријатието и доследност во исполнување на работните цели и задачи.
  • Самодоверба.
  • Доверливост дека претпоставените и колегите/колешките можат да се потпрат на него/неа и да очекуваат навремено и доследно извршување на преземените обврски и одговорности.
  • Тимски дух за добра соработка со колегите и со колешките.
  • Независност, односно способност за самостојна работа и за изнаоѓање на креативни решенија за надминување на личните и на тимските слабости, во интерес на претпријатието.
  • Лидерски вештини неопходни за превземање на нови работни подвизи, лични и тимски.
  • Комуникациски вештини за добри односи во работната средина, со клиентите, со деловните соработници и со други лица од интерес на претпријатието.
  • Самосвесност за сопствените способности и можности и подготвеност да се развива во склад со сопствените амбиции.
  • Критички пристап во размислувањето за пообјективно согледување на околностите и за изнаоѓање на иновативни и креативни решенија.
  • Личен интегритет.

Горе – долу, ова се особините кои, наводно, сите работодавачи ги бараат од работниците. Арно ама, изгледа дека во пракса најчесто се среќаваат спротивни примери, до толку што претходниов опис изгледа како утопија. Искуствата покажуваат дека работодавачите само навидум ги бараат претходно опишаните особини. Всушност, тие фаворизираат работници/работнички кои се послушни извршители без критичко мислење и доволно наивни да веруваат дека раководителот ги почитува и соодветно ги вреднува.

А зошто е така?

Одговорот е едноставен. Работодавачот, односно раководителот, не располага со наброените особини. Па ако тој или таа не располага со тие особини како би можел/-а да ги препознае кај своите работници? А и ако ги препознае нема да ги поддржи од страв дека тие работници ќе му го преземат работното место. Тоа е како во онаа приказна во која султанот му вели на великиот везир, „Ако сите овие ги поставиме да го работат она за што учеле, ниту јас ќе бидам султан, ниту ти велики везир.“.

Но што се случува со работниците кои располагаат со некои од наводно посакуваните особини?

Ништо особено. Се разочаруваат, страдаат, се претопуваат во осредноста, очајуваат. Некои менуваат работно место, некои се иселуваат, некои се зачленуваат во политичка партија, а некои во здружение на граѓани. Некои продолжуваат да бараат начин за да се самореализираат, а некои и го наоѓаат. Впрочем, личната судбина зависи од личниот избор. Најчесто, најмногу што овие луѓе можат да добијат од другите е сожалување, ако веќе зависат од потребата да добијат некакво признание. Многу почесто се изложени на потсмев и на експлоатација, дури и од страна на најблиските. Тие се машата која другите ја користат за да не си ги изгорат рацете.

Многу поважно прашање е што се случува со работата?

Работата трпи. Се праваат импровизации. Се работи на сила и под принуда. Се прикриваат слабостите и пропустите за да се прикажат „успеси“. Се бараат дежурни виновници. И сите се надеваат дека обврските ќе бидат „нечиј туѓ проблем“. „Благодарение“ на ова добиваме: лоши шалтерски услуги, лоша градежна изведба, лоши комунални услуги, лоши здравствени услуги, лошо образование, загадена животна средина, лоши сообраќајни услови,… лоши животни услови.

Па има ли чаре?

Има. И лесно е. Сѐ што ви треба се оние особини наброени на почетокот на овој напис, оние кои ги барате од другите работници/работнички. Ако сте работодавач/раководител со овие особини полесно ќе ги наведете своите подредени да ги развиваат истите особини. А ако сте работник/работничка, најмалку што можете да постигнете со овие особини е да создадете покреативен круг околу себе. Доколку тоа не ви успее, па, веќе располагате со доволно компетенции за да преминете во друга, покреативна работна средина.

Малку потежок изгледа начинот со кој се стекнуваат особините наброени на почетокот на овој напис затоа што води кон самоспознание. А повеќето луѓе се плашат од она што можат да го видат во себе и мислат дека можат да избегаат од себе. Поради тоа многу луѓе се откажуваат уште пред да почнат. Но само навидум е тешко. Всушност, овие особини веќе ги имаме во себе и само треба да се ослободиме од оние „знаења“ кои ја попречуваат нивната искрена манифестација.

Како се прави тоа?

Па, мојот начин е со Тета исцелување. И напредокот лесно се мери. Доволно е да забележите во колкава мера сте ги оствариле самопоставените цели.

Самоспознанието е најсигурниот начин за создавање на креативна работна средина. Менувајќи се себеси го менувате и светот околу себе. И колку е подобра личната промена толку ќе биде подобра и промената во вашето опкружување, работно или приватно. Бидете истрајни во тоа и имајте вера и ќе можете уживате во плодовите на сопствениот труд, а и во задоволството што оставате нешто добро за следните поколенија.

Препорачани четива

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *