Го повика да се засолни од дождот под стреата на летникот во паркот, но не настојуваше. Јасно ѝ беше дека вака му е полесно, додека верува дека дождот му ги крие солзите.
„Знаеш дека те сакам?“ му се стегаше грлото додека ги изговараше тие зборови. Она само непоколебливо климна со главата.
„Ама зошто он? Зошто со таков циник?“, алудираше на сите нивни заеднички разговори за однесувањето на Ратко. На обајцата им пречеше цинизмот на Ратко, неговата потреба да ги понижи сите околу себе и беше исклучително вешт во тоа. Ратко љубеше да се вмеша во нечија радост и да ја исцица. Како да се хранеше со тоа. Како да живееше за тоа да ги обесхрабри луѓето, да им ја уништи верата, волјата. Повеќето познаници го избегнуваа, но тој постојано беше присутен, како призрак. И еве, уште една победа за него, веројатно најголемата до сега. Му ја зема девојката што ја љуби како што не љубел ниедна до сега. А за Ратко таа е само тоа, победа, трофеј. Му се направи грутка во желудникот при помислата на циничната насмевка на Ратко.
„Така треба да биде. Така ни е пишано.“, возврати она. „На крајот на краиштата, зарем циниците не заслужуваат љубов?“, одговори таа на неговите алузии за Ратко. „Зарем не се согласи и ти дека Ратко е циничен затоа што е слабак, затоа што нема самодоверба, затоа што нема љубов?“
„И што, ти ќе го спасуваш?“, сега веќе ги стегаше вилиците. Беше повреден и гневен. Ја губи својата сродна душа поради тој слабак. „Мислиш дека ќе го смениш, дека ќе стане подобар? Ти…?“, му застана кнедла во грлото. Посака да ја навреди, да ја понижи, но продолжи благо. „А јас…? И јас не можам без тебе?“
„Ти си силен. И стабилен.“, му одговори без намера да го утешува. „Имаш самодоверба… и срце полно љубов. Имаш сила да продолжиш. Ти веќе ја исполнуваш својата мисија.“
„А што, на Ратко ти ќе му ја исполнуваш животната мисија?“
„Па…“, запре на кратко, „можеби тоа е мојата мисија“.
Ова го посети на Смртта, лик од „Љубовникот на Смртта“, роман на Борис Акуњин. Само што таа ги носеше нејзините љубовници во пропаст, а оваа…, оваа сака да ги издигне над нивните слабости. Посака да ѝ каже уште нешто, но зборовите му заглавија во грлото. Само се сврте и замина во дождливата ноќ.
Остана сама. Седеше подвиткана на клупата во летникот обидувајќи се да го задуши грчот во стомакот, бришејќи ги солзите и мрсулите со ракавите од џемперот. Тоа беше нејзината болка, веруваше во луѓето. Веруваше дека можат да бидат добри, треба само да пронајдат во себе вера, и надеж, и љубов, и самодоверба, и почитување, и… Веруваше дека некој мора да им помогне на луѓето да ги откријат во себе своите доблести. Веруваше и беше подготвена да се жртвува за тоа.
Препорачани четива