Сакам да сменам работа
Сакам да сменам работа

Сакам да сменам работа

Сѐ е многу полесно кога ќе почнеш вистински да се вреднуваш себеси. Сѐ е многу полесно кога ќе видиш дека вредиш повеќе отколку што мислиш


Наполни четириесет и кусур години и сѐ уште работиш за истиот работодавач. Ти се темни кога се будиш за да одиш на работа. Одиш на работа, а нозете ти се враќаат назад. Не го поднесуваш шефот и збоктисано ти е од колегите. Вечно истите муабети и озборувања. Постојано сопки и опструкции. Постојано треба од некого да се пазиш.

И сѐ уште трпиш. Сѐ уште чекаш чудо.

Си велиш, „доцна е сега. Каде да одам? Остарев. Секаде бараат помлади. Добро е што воопшто имам работа и каква-таква плата. И што знам јас да работам кога цел работен век само ова го работам?“. Па, може да се изненадиш колку знаеш. Може да се изненадиш колку знаење е наталожено во тебе и чека да биде искористено. Кога ќе го увидиш тоа ќе видиш и нови можности. Ќе видиш дека можеш да уживаш во работата што ја работиш. Можеби нема да мораш да го напуштиш сегашниот работодавач, ама ќе добиеш подобри услови за работа. Може да видиш и дека можеш да најдеш друга работа – многу полесно отколку што мислеше до сега.

Сѐ е многу полесно кога ќе почнеш вистински да се вреднуваш себеси. Сѐ е многу полесно кога ќе видиш дека вредиш повеќе отколку што мислиш и отколку што другите те вреднуваат. А можеби ќе видиш и дека другите те вреднуваат и те ценат повеќе отколку што ти се вреднуваш и цениш себеси.

А како ќе се вреднуваш и како ќе бидеш вреднуван, односно вреднувана, зависи само од тебе. Другите луѓе можат да ти помогнат, ама ти треба да знаеш да ја препознаеш и да ја прифатиш нивната поддршка. Тоа се случува кога престануваш другите да ги обвинуваш за твојата болка и за твоите страдања. Тоа се случува кога преземаш одговорност за својот живот.

Препорачани четива