Талкачот
Талкачот

Талкачот

Одеше бавно по правливиот пат. Нога пред нога. Подгрбавен. Истоштен. Беше бос, но тоа не му пречеше. Стапалата му беа избраздени со лузни од стари рани и закоравената кожа му ги вардеше табаните од камчиња и трње. Старата снага му беше покриена со валкани партали. На сопствената смрдеа одамна се имаше навикнато и не му пречеше што луѓето го избегнуваат. Ама животните го дружеа, дури и волците и мечките. Понекогаш му се присторуваше дека во долгата замрсена коса му се вгнездиле оси, дека од густата брада му расне детелина и дека од устата му излетуваат снегулки од глуварче.

Одамна го беше фатил патот. Толку одамна што изгледаше како некој друг живот или како туѓо сеќавање. Не се вклопуваше. Никогаш. Никаде. Не можеше да прифати дека тоа е животот, да порасне, да ги научи приказните за семејното минато, да се ожени, да има деца и да ја обработува земјата за да го прехрани своето семејство, на кое потоа ќе му ги пренесе истите преданија и истите одговорности, за на крајот да го покрие црната земја. Мора да има нешто повеќе. Веруваше во тоа. Знаеше дека мора да има нешто повеќе. Затоа и појде на пат.

И еве го сега, стар, истоштен, соживеан со самотијата, обременет со каење, обземен од сомнежи, очаен. Толку лета изоде, толку снег изгази, толку води прегази, толку луѓе одмина, толку страданија посведочи. Зарем е можно да не постои одговор? Зарем може животот да биде толку бесмислен? Зарем е можно сѐ да е залудно?

Чекорите му стануваа потешки. Тагата го задушуваше во градите. Солзи му се лиеја по испиените образи. „Залудно, залудно“, му ечеше во главата, „бесмислено, бесмислено“.

Се наведна да се напие вода од кладенецот покрај патот. „Да си угодам на душата за последен пат, повеќе нема зошто да се живее“, си помисли во разочарување.

„Кој е овој човек?“, му се чудеше на одразот во водата. „Познат ми се гледа.“ Се сети на младоста, на првото лето од неговото талкање. Пријде да се напие вода од ист ваков кладенец и да си отпочине. И тогаш беше изморен, и гладен, и жеден, но со младешка решителност да ја исполни својата намера. Се сети како се колебаше дали да се напие од кледенецот поради чудниот парталав старец што седеше во близина. „Кој знае што правел во водата?“, си мислеше.

„Заталка, а?“, му се смееше старецот. Беше необично весел, како подизгубен во умот. „Го изгуби Патот? Ја бараш вистината? На далечен пат си пошол, мислиш, одговорите се некаде далеку? А веќе знаеш сѐ што треба да знаеш. Само погледни во себе.“, старецот туку–речи се тркалаше од смеење. И уште му дофрли додека брзаше да побегне, „Само следи ги знаците по патот! И бери ум!“

„Знаците по патот? Знаците по патот?“, му лудуваше умот, „Што ми зборуваше тој старец тогаш? Што сакаше да ми каже? Погледни во себе. Кои знаци? Кој пат? И каде во себе?“, се ошумоглавуваше.

И почна да гледа околу себе. И да слуша. И да чувствува. И жуборот на кладенецот, и здивот на ветерот, и мирисот на полјаната, и птичјиот пој, и зуењето на пчелите, и пеперутките, и бумбарот–лепешкар, и лепешките, и сончевата светлина. Се сети на сите луѓе што ги сретна, на сите премрежија што ги помина, на сите човечки радости и страданија кои ги посведочи. Сѐ беше складно. Сѐ беше совршено. И неговото постоење во сиот тој свет беше совршено усогласено. Одеднаш сето негово талкање доби смисла. Ја виде вистината за себе. Цел век патуваше за конечно да стаса до таму од каде што пошол.

Се исполни со радост. Се врати животот во него, му се врати младоста. Се смееше долго, весело. А потоа заспа и спиеше спокојно, мирно, стуткан како бебе во утробата на својата мајка. Ветерот го милуваше, сонцето го грееше, мирисот на цвеќињата го успиваше. Спиеше долго. Или можеби кратко. И не е ни важно. Важно е дека се наспа и дека кога се разбуди беше смирен и опуштен и сѐ беше во совршен ред. Сѐ, па дури и младоно момче што се колебаше дали да се напие вода од кладенецот. Изгледаше како да се згрозува од старци. И како да се подизгубило.

„Заталка, а?“, му рече весело. Момчето само попреку го погледна, но тоа не му го расипа расположението. „Го изгуби Патот? Ја бараш вистината? На далечен пат си пошол, мислиш, одговорите се некаде далеку? А веќе знаеш сѐ што треба да знаеш. Само погледни во себе.“, бликаше од радост и сакаше со него да го сподели своето знаење, но тоа само брзаше да побегне. Успеа да му дофрли уште, „Само следи ги знаците по патот! И бери ум!“. И уште додаде, „Бог е со тебе!“, но момчето веќе беше премногу далеку за да го слушне.

Препорачани четива