Волев напор и зошто не (секогаш) е правилно насочен?
Волев напор и зошто не (секогаш) е правилно насочен?

Волев напор и зошто не (секогаш) е правилно насочен?

Во „Дигиталниот речник на македонскиот јазик“ поимот „волја“ е определен како:

  1. Една од основните психички способности на човекот која управува со неговите свесни постапки и решава дали нешто ќе се направи или не.
  2. Желба, намера, расположение, сопствен избор.
  3. Стремеж, поттик за извршување нешто, за постигнување определена цел.
  4. Одлука, заповед, наредба, дозвола, согласност за нешто.

Слична дефиниција користат и Дајман и Бастиенс, според кои волја е способност да се задржи сосредоточеност на задачата, без застранување.

Оттука, би можеле да речеме дека волев напор подразбира примена на силата на волјата во стремежот да оствариме некоја цел, некоја посакувана состојба или посакувани околности. Изгледа лесно, нели? Изгледа дека сѐ што ви треба е волја. Ама, за жал, не успева секогаш.

Ми остана во сеќавање изјавата на еден другар, „Сега, кога знам дека не пушам, полесно ми е да запалам една цигара.“ Ова беше шега со која тој го прекина својот волев напор да се откаже од цигарите по само неколкудневно воздржување. Слични изговори имаат луѓето кои вложуваат волев напор за придржување кон одредени видови на исхрана. На пример, „Два дена не јадев ништо слатко и сега ќе си дозволам да се заблажам.“ И потоа ќе изеде толку слатки колку што вкупно би изел/-а за тие два дена. Или ќе истрча два километри, ама потоа ќе изеде две тулумби со голема боза. Познати ви се вакви примери? А сигурно ви се познати и примерите: од утре почнувам да спортувам; од понеделник почнувам да учам; повеќе нема да пијам алкохол? Веројатно, читајќи го ова, ќе се сетите и на други завети од вашето секојдневие кои не се исполниле или кои воопшто не почнале да се исполнуваат.

Неисполнувањето на поставените цели, практично, е самосаботажа. Самосаботажа е појава во која нашите отпори се посилни од целите кои си ги имаме поставено. Во тој случај целта се остварува со големи жртви или воопшто не се остварува. На крајот, оние што ја оствариле својата цел стекнуваат чувство дека животот е тежок и дека само со мака може „да се постигне нешто“. Оние што не ја оствариле својата цел стануваат несигурни во себе, а длабоко во нив е вгнездено верувањето дека се неуспешни. За мене овде е клучно прашањето, дали целта навистина е цел?

Луѓе обично многу мечтаат и во своите мечти замислуваат дека имаат работи за кои не веруваат дека можат да ги имаат. Ова се желби. За да се оствари некоја желба таа треба да се претвори во цел, а за да се оствари целта треба да се преземе, или изведе, соодветно дејствие.

Со оглед на тоа колку апстрактно може ова да изгледа ќе се обидам да го објаснам со пример кој, верувам, на повеќето луѓе им е близок. Значи, личност со прекумерна телесна маса смета дека треба да „ослабне“ и почнува да вложува одреден волев напор во таа своја одлука. Но, од самиот почеток прави грешка во дефинирањето на целта. Она што таа личност навистина го посакува е да има витко тело. Ако си постави цел да ослабне многу е поверојатно дека ќе изгуби мускулна маса и ментална сила, а ќе го задржи или дури и ќе го зголеми вишокот на телесните масти. Познато ви е?

Друго прашање е дали таа личност навистина сака да има витко тело или само подлегнува на општествениот притисок за „совршен“ изглед на човековото тело? Ако е така, тоа не е нејзина цел. Прифаќањето на туѓата цел како своја е само потреба да им се угоди на другите. Таа личност само ќе се залажува себеси и секогаш ќе има изговори со кои ќе го саботира остварувањето на наводната цел. Некои луѓе за одредени цели одат во толкави крајности што за самосаботажа си предизвикуваат навистина несреќни состојби и околности. Можеби некому ова му изгледа апстрактно, ама вистината е дека не постојат сличајности. На пример, телесната болест е само изговор да одложиме или да откажеме остварување на некоја своја цел, колку и да изгледа неверојатно. Истово се однесува и на околностите во кои запаѓаме, иако повеќето луѓе сметаат дека немаат никакво влијание над надворешниот свет. Сепак, да се вратам на главното.

Како што напоменав, за да оствари одредена желба/мечта човек треба да ја претвори во цел, односно да превземе одредено дејствие. За тоа дејствие е потребен соодветен волев напор. Повеќето луѓе сметаат дека за да имаат витко тело клучни дејствија што треба да ги напрват се да го сменат начинот на исхрана или да ги зголемат своите телесни активности или и двете. Вистина е дека има луѓе на кои тоа им успева… барем извесно време. Тие луѓе постојано вложуваат волев напор за одржување на посакуваниот телесен изглед. За жал, тој волев напор се претвора во контрола, а зад таа контрола се кријат нарцисоидност, срам, страв од неуспех, страв од понижување, страв од исмејување, страв од губење на општетвениот статус. Зад тие стравови се кријат многу други чувства и верувања кои повеќето луѓе би ги оцениле како непосакувани, иако ги имаат во себе. Во мигот кога ќе преовладеат „непосакуваните“ чувства и верувања личноста ќе изгуби контрола над опишаниот волев напор и телото веќе нема да изгледа толку привлечно.

Попрепорачливо е волевиот напор да се вложи во личното доживување на себе, во личното доживаување на сопственото тело. Првенствено, личноста што има цел да има витко тело треба да се доживее себеси како личност со/во витко тело. Интересно е што при волевиот напор да се доживее на таков начин кај личноста почнуваат да испливуваат отпорите, односно причините зошто не може да го има тоа. Тоа, на пример, може да бидат:

  • Чувство дека тоа не лична цел, туку повеќе желба да им се угоди на другите, што е поврзано со несигурност, потчинетост, пониженост, немоќ.
  • Недостаток на волја, што е во зависност со страв од неуспех, срам.
  • Срам од исмевање, што е поврзано со несигурност, потчинетост, невреднување, неценење.
  • Срам да се признае незадоволството од состојбата во која се наоѓа личноста, што е поврзано со страв од соочување со сите други чувства и верувања наведени овде.
  • Недостаток на истрајност, што е поврзано со несигурност, недостаток на самодоверба, невреднување, неценење, незаслужност.
  • Нестрпливост, очекување целта да се оствари „преку ноќ“.
  • Страв од неуспех.
  • Љубов кон храна, „јадење на сопствените чувства“, што е поврзано со недостаток на љубов, неспособност да се доживее љубов.
  • Длабока тага, длабоко разочарување, замерување, гнев, бес, омраза, нестабилност.

Ако во нешто треба да се вложи најголем волев напор, тоа треба да биде во разрешување на отпорите и во остварувањето на личната цел. Не е толку тешко човек да мечтае и да се замислува себеси како: манекен/манекенка, дипломат, стопанственик/-чка, научник/-чка, страствен/-а љубовник/-чка, супер јунак. Многу потешко е да се соочи со сопствените слабости и тие слабости да ги претвори во доблести. Ама кога ќе го направи тоа целта многу полесно ќе се оствари. Тогаш нагонот за одреден начин на исхрана ќе се смени сам од себе; или ќе се појави мотивација и потреба за зголемена физичка активност; или и двете.

Без ова, човекот постојано ќе биде растргнат помеѓу своите поларитети, како на клацкала на која на едната страна е целта, а на другата се отпорите. Со тоа само ќе се исцрпува себеси вложувајќи се поголем и поголем волев напор во постојано одржување рамнотежа, наместо во интегрирање на поларитетите.

Препорачани четива

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *