„Ламберт, овчарскиот лав“ е цртан филм на Волт Дизни од 1952 година. На кратко, во времето кога штрковите носеле бебиња, како и во цртаните филмови на Волт Дизни, малото лавче, по грешка, наместо меѓу лавовите се наоѓа меѓу овците. Го добива името Ламберт и расне заедно со другите јагниња. Во недостаток на лавови со кои би се споредувал Ламберт мисли дека е јагне. Но бидејќи е поразличен од неговите врсници тие често му се потсмеваат и го понижуваат. Поради тоа Ламберт ги губи самодовербата, самопочитувањето, самовреднувањето. Понижуван и обезвреднуван во детството, дури и кога ќе порасне, значително покрупен од своите врсници, тој се чувствува инфериорен во однос на нив.
Веројатно Ламберт сиот свој живот ќе го поминеше со мислата дека е овца ако една ноќ страшниот волк не ја грабнеше неговата мила мајка. Тоа ја разбуди лавовската природа во Ламберт. Со страшен рик тој му втера страв во коските на волкот и ја спаси својата мајка. По тоа Ламберт веќе никогаш не беше исплашено јагне. Ламберт стана овчарски лав, а неговите врсници почнаа да го слават, наместо да го исмеваат.
Кога веќе зборувам за Ламберт ме мами умот да побарам симболика и во неговото име. Не можам да потврдам, ама имам впечаток дека авторот се поиграл со именките „Ламб“ и „Берт“. Ламб на англиски значи јагне (lamb), а берт (bert) е наставка со која се образува деминутив во германските лични именки. Ако мојата претпоставка е точна, името на Ламберт на македонски би се превело како Јагненце. Се разбира, добро е да се земе предвид дека името Ламберт во германските јазици потекнува од именката „ланд“ (land), што значи земја и од придавката „берахт“ (beraht), што значи блескаво, сјајно, светло.
Пред преминам на главното сакам да појаснам зошто користам приказни во моите написи. Прво, затоа што научив дека секоја литературна творба има јасно наравоучение, но и скриена симболика. Симболиката, која некогаш е толку длабоко вкоренета што е непрепознатлива и за самиот автор, може да содржи многу позначајно наравоучение. Второ, сакам да избегнам употреба на примери од вистинскиот живот за да не наштетам некому. Севкупно, слично како што учевме на училиште, сметам дека литературните творби само ја одразуваат постоечката стварност, водени од истите причини како претходно наведените.
Слично како Ламберт, постојат луѓе кои толку длабоко ги потиснале своите способности, само за да бидат прифатени во средината која нема никакво разбирање за нив. За жал, повеќето од овие луѓе никогаш нема да го разбудат лавот во себе. Ќе поминат низ животот мислејќи за себе дека се јагниња и можеби, сонувајќи за суперјунаци и големи подвизи. За жал, влијанието на заедницата може да биде толку големо што повеќето „ламберти“ ќе останат „јагниња“, дури и ако се појави „волкот“.
Спротивно на „успаните ламберти“ меѓу луѓето може да се препознаат и „гневни ламберти“. На вториве не им требал „волкот“ за да ја разбудат својата лавовска природа, ама станале подмолни и одмаздољубиви кога сфатиле дека се понижени и обезвреднети. „Гневните ламберти“ ја презираат заедницата во која израснале и ја користат секоја можност за да се одмаздат. А одмаздата нема крај, исто како и чувството на пониженост и обезвреднетост. Ако овие зборови ви привлекоа внимание, ама не ви се верува, само обрнете внимание на луѓето во вашата околина кои грабаат сѐ што можат. Се среќаваат и на микро и на макро ниво. „Гневните ламберти“ не ја научиле лекцијата, само отишле во другата крајност.
За разлика од двата вида „ламберти“ постојат и „јагниња“ што пред другите луѓе се прикажуваат како „лавови“. Тие се наметнуват како водачи и се грабаат за привилегии, но постојано избегнуваат лична одговорност. Во споменатиот цртан филм овие се прикажани преку ликовите на горделивите млади овни кои постојано се фалат со својата физичка сила, ама бегаат при првиот поголем предизвик.
Што научи Ламберт, овчарскиот лав? Ламберт ја спозна својата вистинска природа. Ламберт научи храброст, вреднување, почитување, самодоверба, еднаквост, рамноправност, посветеност, посебност, љубов. Ги научи на потешкиот начин, преку понижување и преку борба. Ама не мора да биде така. Човек може да учи преку самоспознавање, преку соочување со слабостите што ги воочува кај себе. И не мора да бидете ашкетија за да го постигне ова. Напротив, сето ова може да се постигне во секојдневниот живот.
Човек што се спознава себеси го буди лавот во себе. Човек што се спознава, се развива себеси. Човек што се развива себеси придонесува и за развојот на својата заедница, слично како што Ламберт стана заштитник на своето стадо. Понатаму, во некоја замислена иднина можеби и заедницата ќе сфати дека треба да ги поддржува „лавовите“, наместо да ги понижува.
Кога „јагнето“ ќе стане „лав“ и земјата по која гази ќе стане свет(л)а.
Препорачани четива