Сте ја чуле изреката, „Што е мое, само ќе си дојде.“? Убаво звучи, нели? Како да не морам за ништо да се потрудам? И навистина е така, она што е мое само си доаѓа. Ама овде има едно прашање, „што е тоа што е мое?“. Дали неочекувано високата сметка, на пример, за струја е моја? Дали дупнатата гума пред поаѓање е моја? Дали расправијата со сопругата/сопругот е моја? Дали отпуштањето од работа е мое? Дали, не дај, Боже, болеста е е моја?
Да се разбереме, има мудрост во тоа човек да ги прифати лошите работи, како што ги прифаќа добрите. „Секое лошо за добро е.“, пее Владо Јаневски. Ама мора ли да биде така? Што им фали на луѓето на кои сѐ им успева со леснотија? Па!, им фали мрзеливост, веројатно. Веројатно им фалат и страв, и колебливост, и нерешителност. А може да им фалат и себичност, и злоба, и завидливост.
Па, што имаат ако толку многу им фали? Многу е веројатно да имаат сѐ спротивно од тоа, на пример, храброст, трудољубивост, решителност, срдечност, самодоверба, почитување, самопочитување.
Што ми е муабетот?
Може човек да си го живее животот и да прифаќа сѐ што ќе му дојде. Ама може и да си постави цели и патем, да ги разреши сите отпори кои го попречуваат во остварувањето на поставените цели. Така е поверојатно дека поретко ќе му се случуваат лоши работи, а многу почесто ќе искусува добри нешта. Така ќе биде како волкот од поговорката.
Препорачани четива